Саудиска Арабија: Бараме итен прекин на огнот

by Fokus

Министерот за одбрана на Саудиска Арабија Калид бин Салман повика на итен прекин на израелските напади врз Појасот Газа кои траат веќе 120 дена.

Како што јави саудиската новинска агенција SPA, бин Салман зборуваше на отворањето на состанокот на министрите за одбрана на Коалицијата на исламските земји за борба против тероризмот, што по втор пат се одржа во главниот град Ријад.

„Продолжувањето на израелските напади врз палестинскиот народ бара од земјите-членки на Коалицијата да заземат заеднички став за да ги осудат израелските прекршувања на правата во Појасот Газа и на Западниот Брег“, рече тој.

Тој нагласи дека „израелските напади мора веднаш да се запрат“.

Бин Салман, претседател на Советот на министри за одбрана на Коалицијата на исламски земји за борба против тероризмот, најави дека Саудиска Арабија ќе обезбеди 100 милиони ријали (околу 27 милиони долари) за поддршка на Фондот за иницијативи на исламските земји за борба против тероризмот.

На 14 декември 2015 година, Саудиска Арабија објави формирање на Коалиција на исламски земји за борба против тероризмот со учество на 34 земји, со седиште во главниот град Ријад. Бројот на земји-членки на Коалицијата достигна 42 земји.

Поврзани новости