Сашо Тасевски, началник на Шестата управа, и Зоран Јовановски-Челик, пензиониран генерал, се во тесна трка за идниот наследник на Лазе Велковски, доскорашниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), дознава „Фокус“ од доброупатени извори.
Јовановски целиот работен век го поминал во безбедносните служби, а последната работна позиција, пред да отиде во пензија во 2017 година, му била началник на Единицата за известување и командување (ЕИК).
Магистерот Јовановски, кој меѓу своите колеги е познат под надимакот Челик важи за голем професионалец, а една деценија работел и како специјалец. Бил и командир на Единицата за специјални задачи Тигар, а учествувал и во воениот конфликт во 2001 година, при што бил ранет во Ваксинце. Токму затоа Јовановски влегол во игра, а како што велат неговите колеги, нема човек во МВР кој за него не дал високо мислење и почит.
Тасевски, пак, за време на насилството во Собранието, на 27 април 2017 година, му беше обезбедување на министерот Оливер Спасовски. По Крвавиот четврток, Тасевски, беше поставен за началник на Одделот за обезбедување, или т.н. Шеста управа.
Тасевски е магистер по безбедност и докторант на Факултетот за безбедност во Идризово. Од 2001 година има работено кај претседателот на државата Бранко Црвенковски, во одделот за странски делегации, потоа кај министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. На почетокот на кариерата бил припадник на единицата за специјални задачи „Тигар“. Има посетувано курс за обезбедување ВИП личности во САД, во 2004 година.
Велковски неодамна беше разрешен по скандалот со злоупотребата на неговиот службен автомобил, за превезување на неговата ќерка во Грција.
В.В.