Сашо Паркет му го посвети неготинскиот концерт на Ристе, клавијатуристот на ,,Зијан” кој почина пред три дена: Патувај мирно и низводно!

by Fokus

Популарниот битолски рок – панк бенд ,,Паркети” синоќа одржа неколкучасовен концерт во Неготино, во култниот Мидл Паб. Пред бројната и расположена публика од сите генерации, музичарите со својот препознатлив стил, направија еуфорична атмосфера.

Ние не сме Харис Џиновиќ, ниту Шемса, ниту пак Саша Матиќ или Ковачевиќ, ние сме ,,Паркети”, порача од сцената вокалистот Сашо Паркет, а потоа во разговор за ,,Фокус” откри дека доста го радува фактот што има бројна публика која слуша рок, панк и гараж музика, наспроти турбо фолкот кој со децении зема замав во целиот регион.

За концертот во Неготино, вели дека го посветува на Ристе Ќорнаков од Гевгелија, клавијатуристот на рок бендот ,,Зијан” кој ненадејно почина на 61 година пред три дена.

Веста за смртта на музичарот кој е од нивната, рок бранша, го затекнала, посебно поради тоа што пред помалку од два месеца ,,Зијан” одржа концерт во МКЦ Скопје, кој за нивните фанови беше еден вид на најава за повторно активирање на легендарната група на сцената.

-Да му оддадеме почит на Ристе, генијалниот клавијатурист кој е еден од авторите и аранжерите на ,,Низводно”, инструменталното ремек дело кое и го остави на публиката. Тоа е евергрин за кој музичките критичари низ годините најчесто кажуваа дека е дијамант на македонскиот поп-рок, и не погрешија, песната трае повеќе од три децении и секој автор би ја посакал да ја има во својот творечки опус.
Со добра рок и панк музика, како што доликува за некој кој животот го посветил на музиката, еве и ние од ,,Паркети” на свој начин испративме последен поздрав до нашиот колега, вели Сашо.

Раскажува дека во минатото во неколку наврати се случило да имаат настапи со ,,Зијан” на ист настан, со Ристе седеле и во кафеана по настап и како помлад колега, секогаш имал почит за бендот и за нивното дело.

-Иако не беа застапени во јавност така, како што заслужуваат, според музиката која и ја оставија на Македонија, сепак, тие се ,,Зијан”, име кое над 40 години стои запишано во македонската рок историја. Штета што се случи ова, во период кога сите помисливме дека групата повторно се активира, раскажа Сашо.

И неговиот бенд ,,Паркети” е на сцената повеќе од 30 години. Имаат редовни настапи, а периодов се актуелни со две нови песни, ,,Вибратор” и ,,Пустинско вино”.Вечерва имаат настап во Битола, во склоп на проектот ,,Зимска приказна”, а наредниот ден во Делчево.

За ненадејната смрт на Ристе пак, објавија повеќе медиуми во земјава, но на некој начин изостанаа пораките со сочувство од добар дел од музичарите од неговата, рок бранша. Тој останува препознатлив помеѓу љубителите на антологиската рок музика по безвременската ,,Низводно” која се најде на истоимениот албум во 1991 година. За истата, музиката освен на Ристе, е и на Костадин и Ангел Диневи и Апостол Митров, а пак зад аранжманот покрај Ристе, стои и Ангел Динев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости