На прв поглед, изборните резултати се во рамките на очекувањата – намален одѕив на гласачите поради короната, релативно тесен натпревар меѓу главните ривали СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и водство на ДУИ меѓу етничките Албанци, смета политичкиот аналитичар Сашо Клековски. Но, како што вели тој за најновиот број на неделникот Фокус, се случија и важни поместувања – потфрлање на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и значајно протестно гласање најдобро илустрирано со подемот на Левица.
-СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на овие избори изведоа исто толку гласачи колку што имаа во првиот круг претседателските избори, кои важат за избори со најнизок одѕив. Понатаму, во повеќето анкети и двете партии беа со неколку процентни поени повисоки рејтинзи. Оттука може да се заклучи дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ мобилизираа помалку гласови, не само поради короната, туку и поради незадоволството на граѓаните. А тоа незадоволство се прелеа во трети партии од кои најилустративен пример е Левица. Левица во сите предизборни анкети е потценета меѓу 1 и 3.3 процентни поени, што говори дека дел од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се одлучиле да гласаат за Левица, но и Интегра и други партии кои освоија 4.1 отсто или заедно со Левица 8.2 отсто, наспроти 4.24 отсто во 2016 година. И на крај, добивките на ДУИ и АА се помалку засновани на апсолутните бројки отколку на среќата на изборниот модел. Во 2016 година албанските партии отприлика добиле околу 211.000 гласови, а сега без Беса околу 200.000 гласови. Овие избори помалиот одѕив е кај етничките Македонци и тоа, како и загубата на гласови поради изборниот модел (најмалку 4-5 пратеници кај Левица и Интегра) ги доведе ДУИ и АА до овој резултат – објаснува Клековски.
Тој посочува дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ предводеле предизборни коалиции на повеќе партии, така што на овие избори, според него, прва партија или коалиција е СДСМ. Сепак, додава Клековски, кој ќе биде победник ќе покаже времето, бидејќи победник ќе биде тој што ќе формира Влада.
-Тука само да потсетам не дека сум противник на принципот „коалиција победник со победник“, туку во 2016 година не се примени, веќе не е важно кој е победник, туку кој ќе формира мнозинство и Влада. Од друга страна, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ може да сметаат дека потфрлиле бидејќи имаат намалување на бројот на пратеници сега во однос на минатиот состав на Собранието. И секако, и двете партии се под очекувањата што ги имаа самите од овие избори и двете партии и двата лидери најавуваа поуверлива победа. ДУИ е единствена партија каде самите се изненадија од повеќе пратеници отколку што очекуваа, бидејќи очекува 13-14 пратеници, а завршија со 15 пратеници. Тоа е резултат на зголемен број на гласачи, но многу повеќе на среќата на изборниот модел. Тоа е што многу поважно за ДУИ дека има златна акција во сите комбинации за мнозинство, односно ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ не може да формира Влада со АА, освен во голема коалиција – вели Клековски.
Тој посочува дека изборните резултати упатуваат оти следната Влада не може да се формира од две, туку од најмалку три партии, така што досега најмногу споменувани се СДСМ, ДУИ, ДПА и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, со поддршка од Левица. Иако овие комбинации се можни, потенцира Клековски, тие ќе имаат тесно мнозинство и ќе бидат нестабилни.
-Дури и да со политички и коруптивни притисоци се преземат пратеници од ривалите, тоа нема да креира политичка стабилност. Фактор на нестабилност ќе биде и изборот на премиер. Клучно прашање е дали барањето на ДУИ за Албанец премиер е само градење на преговарачка позиција, или пак „катиљ ферман“ за Зоран Заев, во слична форма како што Тиранската платформа беше за Никола Груевски. Доколку е второво, тоа ќе ги продолжи преговорите за Влада во кои ДУИ би се откажал од своето барање, откако или по што Зоран Заев би се откажал од премиерската позиција. Изборот на трет кандидат за премиер, како Фатмир Битиќи или Никола Димитров е можен компромис, но тоа би можело да доведе до можни расцепи и политичка нестабилност. Немаме многу примери во нашата историја премиерот да не е претседател на водечка партија. Со такви нестабилни влади, ќе се соочиме со троен предизвик: здравствена криза, економска криза и политичка криза. Доколку се имаат во предвид многу тешка здравствена и економска состојба оваа зима, национален интерес е политичка стабилност, преку голема коалиција на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со учество на другите парламентарни партии како ДУИ и АА – вели Клековски.
Ова Влада, според него, би имала јасна цел да се преброди здравствената и економската криза 2020/21 година, и би траела најмалку до октомври 2021 година, кога може да се спроведат вонредни парламентарни избори заедно со локалните. Тој смета дека ваква влада е пожелна и на подолг период ако се земат во предвид предизвиците на ЕУ интеграциите, како судство, јавна администрација…
Анализата во однос на изборните резултати и можните комбинаторики околу формирањето на парламентарно мнозинство прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк