Директорот на Клиниката за онкологија и радиотерапија Милан Ристески е првиот меѓу директорите на скопските клиники што беше разрешен од функцијата. На негово место седна доктор Нино Васев, доктор на истата клиника.
Со тоа веќе се најавуваат кадровските промени во јавните здравствени установи што ќе следуваат во наредниот период. Според нашите информации, меѓу лекарската фела веќе неколку денови се вртат имињата на неколку кандидати за директори, така што на директорското столче на Клиниката за очни болести, на местото на досегашниот директор Илјаз Исамили, би требало да седне доктор Беким Татеши.
Исто така ќе се менува и директорот и на скопската Клиника за Урологија, па така на местото на стариот директор Михаил Пенев, најверојатно ќе седне доктор Сашо Дохчев, додека со Клиниката за ортопедија би требало да директорува доктор Ален Савески.
Промени на директорските позиции ќе има и на скопската Клиника за Гинекологија, па како што веќе објавивме доктор Марија Хаџи-Лега го напушта директорското столче, а на нејзино место најверојатно ќе биде доктор Викторија Јовановска.
Министерот за здравство Арбен Таравари најави дека на некои од клиниките можно е да останат старите директори бидејќи за изборот на директор не е важна политичката припадност, туку стручноста и професионалноста.
И.М.