Поранешниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ (37) и неговата сопруга Јелена, за време на Божиќните празници со празнична фотосесија во нивниот дом открија дека очекуваат принова.
Ова е прво дете на парот кој се венчаше во октомври 2020 година, во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Грачаница, Косово, по една година врска.
За ,,Фокус” Богдановиќ вели дека со сопругата, која е одделенски наставник, возбудено го чекаат раѓањето на бебето, а нивните родители биле уште повозбудени и од нив.
-Веќе го знаеме и полот на бебето, но сакаме тоа да го зачуваме како изненадување. На пролет ни доаѓа приновата, сите сме среќни, се организираме се да помине како што треба. Со сопругата сме во нашите триесетти години, сметаме дека сме спремни за родителството, и оставаме нештата да се одвиваат спонтано.
Родителите ни се голема поддршка, ова е радост за целото семејство. Бебето е производ на нашата голема љубов, и периодов го минуваме во едно убаво исчекување. Нормално, поради ситуацијата со пандемијата, се чуваме – раскажува поранешниот градоначалник.
По венчавката со Јелена за медиумите појасни дека се запознале за време на хуманитарни акции, и по една година сфатиле дека се родени еден за друг. Раскажа дека бракот многу го променил и му бил еден вид на благодет кој го усмерил во вистинскиот животен правец.
Додава дека и на професионално поле за кратко време ќе има нови вести, кои ќе ги сподели со јавноста кога ќе дојде вистинскиот момент.
Вики Клинчарова