Поранешниот француски претседател Никола Саркози денеска пред Апелациониот суд беше прогласен за виновен за незаконско финансирање на кампањата за реизбор во 2012 година.
Тој е осуден на една година затвор, од која половина е условна, што значи дека за тоа време нема да биде во затвор, туку најверојатно ќе мора да носи електронска нараквица.
Саркози беше претседател од 2007 до 2012 година и, и покрај низата судења и истраги поврзани со финансирањето на претседателската кампања, тој останува влијателна личност меѓу конзервативците.
Тој е во пријателски односи и со актуелниот претседател Емануел Макрон.
Отсекогаш цврсто ги негирал обвинувањата дека неговата конзервативна Републиканска партија, тогаш позната како УМП (Сојуз за народното движење), соработувала со фирмата за односи со јавноста Бигмалион за да ја прикрие вистинската цена на неговата изборна кампања обележана со раскошни настани, досега невидени во Француската политика.
На суд, тој ја префрли вината на некои членови на тимот што ја водеше неговата кампања.
Франција има строги правила за трошење пари во политички кампањи. Обвинителите тврдат дека компанијата испраќала фактури до УМП за време на кампањата. Тие тврдат дека Саркози за изборната кампања во 2012 година потрошил 42,8 милиони евра, речиси двојно повеќе од дозволеното.