Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ
Мајка Македонија влезе во новата 2022 година сардисана од сите страни. Од една страна, сардисани од грчките букви на азбуката, од друга страна, од експанзионистичката политика на Република Бугарија. Иако сè уште не сме го достигнале ниту пикот на омикрон варијантата, семоќното СЗО ни најавува нови посмртоносни варијанти на вирусот. Ова само по себе е нон сенс, бидејќи сите вируси со кои досега сме се соочиле со проток на време губат на интензитет.
Во меѓувреме, заврши и сагата околу Новак Ѓоковиќ, кој беше депортиран со одлука на австралиската влада, а истовремено Велика Британија ги укина рестрикциите поврзани со ковид, како и дубиозните зелени сертификати. Дали ова е крај на првото полувреме, останува да видиме? Неколку наши имунолози веќе апелираа да се укинат зелените сертификати, како бескорисни, но и дискриминирачки.
САН СТЕФАНО
Другата страна на офанзивата наречена Сан Стефано оваа недела ја посети Македонија. Покрај срдечните прегрнувања во устата ни остана горчлив вкус од тврдењето на новиот бугарски премиер, дека во Бугарија нема Македонци. Бугарија не би била Бугарија да не нè негира, но проблемот настанува кога бугарската експанзионистичка политика добива сесрдна поддршка од еден од најслабите министри во модерната македонска историја, Бојан Маричиќ.
Ничим изазван, Маричиќ се истрча да биде на линија со бугарската држава и да истресе дека во Бугарија нема Македонци. И сето тоа во период кога Бугарија засилено бара во македонскиот Устав да влезат и Бугарите.
Ова само по себе не би било проблем доколку истовремено Бугарија нема крајно негаторска политика кон Македонците од Бугарија, непочитувајќи и неспроведувајќи 16 пресуди на Судот во Стразбур, со кои се повредува правото на политичко здружување на Македонците од Бугарија.
Во меѓународните односи постои нешто што се вика реципроцитет, па македонските политичари живеат во паралелен универзум во кој се спремни да дадат сè, а да не добијат ништо за возврат.
НЕЕВРОПСКИ ВРЕДНОСТИ
Ако Али Ахмети легитимно тврди дека ништо нема да ѝ биде на државата ако ги внесе Бугарите во Уставот, тоа прашање можеме да го поставиме и обратно. Што ќе ѝ биде на бугарската држава доколку ги внесе Македонците, или за волја на вистината, кој било друг народ во Уставот, имајќи предвид дека бугарскиот попис подразбира само две графи – Бугари и други?
Бугарија, како и Грција, се членки на ЕУ, а не дозволуваат никакво декларирање на етничка припадност различна од мнозинската, како и не дозволуваат никакво политичко здружување на заедниците што не се дел од мнозинската. Да биде перверзијата поголема, двете држави ни проповедаат некакви европски вредности.
Оваа 2022 година, веројатно, ќе биде клучна за опстанокот на македонската држава каква што ја познаваме, но и генерално на човештвото, сардисани од шовинистички претензии на великобугарскиот апетит, како и од бескрајните соеви на ковид за кои, според најавите, ни четврта доза на вакцина нема да бидат доволни. Како што и големиот Достоевски рекол: Човек без слобода и достоинство е пес!