Со прифаќањето на францускиот предлог се овозможува веднаш да се започне процесот на пристапните преговори на Северна Македонија кон ЕУ без понатамошни одолговлекувања и без можност за блокади. Германија е на страната на Северна Македонија и ќе се залага европската перспектива на Западен Балкан активно да заживее, посочи германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин кој денеска е во официјална посета на нашата земја.
Тој на денешната прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека вратата кон пристапување на Северна Македонија во ЕУ со овој договор е широко отворена. За да се влезе низ оваа врата, како што рече, не е лесно, но тоа е одлука на нашата политика и на нашата земја.
-Знам дека ова е тежок момент за вас сега и за луѓето, но истовремено е и момент кој носи одредена надеж во себе. Верувам во македонската политика и во луѓето и оти сите заедно ќе продолжиме на патот кон ЕУ. Нападот на Руската Федерација врз Украина покажува колку е важно заеднички да се решаваат проблемите, да се организираме, но и ни покажува дека ништо повеќе не нуди толкава сигурност како да се биде во европските организации, преку европските договори, додаде Сарацин.
Според Сарацин, овој договор е добар бидејќи се земени в предвид барањата на Владата на Северна Македонија и истиот предвидува процесот на пристапните преговори да започне веднаш без одолговлекување.
Посочи оти разбира дека има и критики за предлогот, дека постои грижа за сопствениот национален идентитет при што потенцираше дека за Германија е многу јасен, но како што рече, со овој предлог нашиот идентитет е сочуван.