Сарацин: Нема пак да се отвора Преговарачката рамка, таа е гаранција за Северна Македонија

by Fokus

„Целосно е нереално да се очекува дека повторно ќе ја отвораме Преговарачката рамка. Германија ќе биде против тоа“.

Ова го вели во интервју за државната МИА специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.

„Преговарачката рамка беше едногласно усвоена од 27-те земји членки и нема повторно да отвораме процес за донесување таква одлука. Таа е донесена и не може да се промени. Таа претставува гаранција за Северна Македонија и не може лесно да се смени потоа и Бугарија да не може понатаму да поставува нови услови во неа. Тоа беше и една од клучните поенти на предлогот минатата година. Затоа е целосно нереално да се очекува дека ние повторно ќе ја отвориме. Германија ќе биде против повторно отворање на Преговарачката рамка“ – вели Сарацин.

Тој не сака да коментира колку се реални барањата на опозицијата за одложено дејство на уставните измени, затоа што вели дека лично не разговарал со Мицкоски.

„Не сум зборувал со Мицкоски за точната содржина на овој предлог и затоа не можам да го коментирам. Можам само да кажам дека ние ќе се придржуваме до Преговарачката рамка и до вториот француски предлог и не гледам никаков простор за излегување надвор од ова. Затоа ќе мора да го прашате него или да ми го поставите ова прашање откако ќе имам можност да разговарам на одвоена средба со Мицкоски околу предлогот“ – посочува Сарацин.

Поврзани новости