„Санкции може да има и за сопственикот на дискотеката и за обезбедувањето“

Ѓурчески за„Фокус“ вели дека лицата кои немо го гледаат нападот треба да се идентификуваат и против нив да се преземат мерки за неукажувањето на помош

by fokus

Сопственикот на локалот пред којшто се случи нападот врз хрватскиот ракометар, Денис Тот, и обезбедувањето треба да бидат дел од истрагата што ја води скопското Обвинителство и има простор за санкции и за сопственикот и за обезбедувањето, вели за „Фокус“ поранешниот помошник директор во Бирото за јавна безбедност, Љубомир Ѓурчески.

Тој вели дека ако во дискотеката имало ангажирано обезбедување од лиценцирана агенција за обезбедување, тие се под контрола на Министерството за внатрешни работи.

Откако во јавност излезе снимката на која се гледа нападот врз Тот, а на неа се забелуважаат и повеќемина кои немо го гледаат крвничкиот чин, Ѓурчески вели дека тие лица треба да се идентификуваат и против нив да се преземат мерки за неукажувањето на помош.

Тој за „Фокус“ ја објаснува цела законска регулатива и обврските на органите за меѓусебно известување.

-Потребно е да се знае дека Здравствените установи согласно закон за здравствена заштита се должни да ја известат полицијата дека кај нив е донесено лице во бесознание или починати лице. Полицијата веднаш оди на лице место во Здравствената установа за да добие првични предсознанија дали на телото има видливи траги од насилство и да биде информирана од лекарите дали има елементи на насилна смрт по извршен првичен лекарски преглед, објаснува Ѓурчески.

Известувањата кои ќе ги добие полицијата веднаш ги пренесува на надлежен Јавен обвинитела, а од тој момент Јавното обвинителство издава насоки за обдукција која треба да ги утврди причините за смртта, дали има насилна смрт или не.

-Ако се констатира насилна смрт ЈО веднаш и издава насоки на полицијата да превземе дејствија за откривање и докажување на кривично дело убиство. Насоките одат од утврдување на лице местото на настанот, вршење увид на лице место, утврдување на евентуални сведоци, снимки од видео надзор и тн.

ЈО задолжително излегува на лице место и сочинува записник. Полицијата не е овластена, а не е ни стручна да кажува дали има или нема насилство по телото. Тоа е обврска на Здравствената установа. За причините за смртта единствено надлежна е судска медицина по извршена обдукција, објаснува тој.

Попладнево Министерството за внатрешни работи, издаде меѓународна потерница по првоосомничениот Анџело Ѓорѓиевски кој е во бегство. Другите двајца осомничени, девојката која на снимката се гледа како го клоца додека лежи и нејзиниот дечко, се во притвор.

Ф.Ф.С

Поврзани новости