Во ек на својата кариера, Сани Гроздановска која е една од најбараните фолк пејачки во земјава, ќе се сели во Швајцарија. Таа наскоро заминува заедно со своите две ќерки Викторија и Ева, а за „Фокус“ ги открива деталите за оваа голема животна промена.
-Имаше доста пишувања и шпекулации периодов, вистината е дека се омажив во Швајцарија. Мојот избраник Никола Урдаревиќ е по потекло од Македонија, сега ја средуваме потребната документација и заедно со ќерките заминуваме кај него. Децата ми се многу среќни, го прифатија Никола- вели Сани, за која ова е трет брак.
Сепак, открива дека никогаш не ја изгубила вербата во љубовта и бракот како институција, и вели дека се радува на иднината.
-Јас сум од оние луѓе, кои и покрај се, веруваат во љубов. Нема да дозволам поради лошото минато, да не ми блеска иднината! Кога е мојата професија во прашање, од Никола имам огромна поддршка. Но, решив да направам мала пауза од настапи кога ќе пристигнам во Швајцарија. Потребен ми е одмор од се, а потоа продолжувам со засилено темпо – вели таа.
Раскажува дека Никола е одговорен човек, кој ја освоил со својот карактер и самодоверба, но најмногу поради тоа што бил добар татко и вистински маж.
-Никола има три деца на возраст од шест, 16 и 18 години. Сега сите заедно ќе живееме, значи заедно ќе се грижиме за пет деца. Тоа воопшто не не плаши, напротив, се радуваме, бидејќи и двајцата многу сакаме деца, сакаме полна куќа. Тој е нежен и позитивен човек, се однесува зрело, внимателно, а покрај тоа е и доста успешен. Јас пак сум човек кој гледа напред, енергична сум и сакам да изградам убави спомени во животот. Подготвена сум за иднината, заедно со личност која е остварена и која ми дава безрезервна поддршка – ни изјави Сани.
Таа се запознала со Никола за време на свој настап во Швајцарија, каде тој работел во хотелскиот сектор. На естрадата е присутна уште од рана младост. Доста млада стапи во брак, доби ќерка, се разведе, па потоа се омажи по втор пат и доби уште една ќерка. И вториот брак не траеше долго, а во интервју за „Фокус“ од пред девет месеци раскажа дека свикнала сама да се бори во животот.
Со својата работа успеала да заработи за стан и автомобил, и порача дека секоја жена треба да се стреми кон тоа, да биде независна. Исто така, пред пет години, таа направи хумана акција, кога донираше од своите свечени фустани на матурантки од социјално загрозени семејства.
Тогаш пак ни раскажа дека самата никогаш не облекла матурски фустан, бидејќи многу рано се омажила, но затоа од се срце сакала да им ја разубави вечерта на повеќе девојки кои не можеле да си дозволат скап фустан. Позната е и по своите учества на голем број на хуманитарни настани и концерти, а изминативе години секој викенд гостуваше во ресторани и локали во земјава.
Вики Клинчарова