Светот треба да го слуша гласот на Кина за да се најде излез од војната во Украина, изјави денеска шпанскиот премиер Педро Санчез, пред неговата посета на Пекинг следната недела.
„Кина е глобален актер, па очигледно мораме да го слушаме нејзиниот глас за да видиме дали можеме да ставиме крај на оваа војна и дека Украина може да го врати својот територијален интегритет“, рече Санчез по состанокот на Европскиот совет, пренесе Ројтерс.
Санчез треба да ја посети кинеската престолнина на 31 март за да разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг. Според агенцијата, се очекува двајцата лидери да разговараат за конфликтот во Украина, за кој Кина подготви мировен план од 12 точки во кој повикува на сеопфатен прекин на огнот.
Санчез јавно го поддржа мировниот предлог на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој вклучува барања украинската територија да се врати на границите пред руската анексија на Крим во 2014 година.