Претседателот на Украина, Володимир Зеленски утре ќе се сретне со британскиот крал Чарлс на имотот Сандрингам на истокот на Англија, пренесува британскиот весник „Сан“.
Зеленски денеска пристигна во Британија за да се сретне со британскиот премиер Кир Стармер и да присуствува на самитот на европските лидери, објави Ројтерс.
Утре, покрај Зеленски, Стармер ќе биде домаќин на повеќе од 10 други европски лидери за да разговараат за безбедносните гаранции што европскиот континент може да му ги понуди на Киев во случај на прекин на огнот со Русија.
Состанокот ќе им овозможи на Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон да ги информираат своите европски сојузници за разговорите што ги имаа во Вашингтон со американскиот претседател Доналд Трамп, во кои тие се обидоа да го убедат да се посвети на американската воена „поддршка“ во случај Москва да го прекрши потенцијалниот мировен договор во иднина, објави Блумберг.
Стармер ги покани и лидерите на Германија, Данска, Италија, Холандија, Норвешка, Полска, Шпанија, Турција, Финска, Шведска, Чешка и Романија во Лондон, објави неговиот кабинет.
На состанокот се очекува да присуствуваат генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет, Урсула фон дер Лајен и Антонио Коста.
Стармер ќе оствари одделни билатерални средби со Зеленски и италијанскиот премиер Џорџa Мелони, додаде неговиот кабинет.
Во меѓувреме, балтичките земји изразија „големо незадоволство“ откако Велика Британија не ги покани нивните лидери да се приклучат на самитот за Украина овој викенд, изјави европски дипломатски извор, пренесе Скај њуз.