Самсоненко остана без конзулска титула, но му остануваат уддели и акции

Со одлука на Влада, поранешниот почесен конзул на Руската Федерација во Битола веќе го нема овој статус, велат од МНР за Фокус, без да ги наведат причините зошто на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, кој поседува повеќе фирми во земјава, пред 3 месеци му ја одзеле согласноста, со што тој ги губи привилегиите што произлегуваат од оваа титула.

by Фокус

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко веќе неколку месеци има статус на обичен граѓанин во Македонија, откако Владата во мај годинава му ја одзела согласноста да биде почесен конзул на Руската Федерација со седиште во Битола.

Пред две седмици, во јавноста беше објавена изјава на висок функционер на руското Министерство за надворешни работи дека Скопје ја повлекло согласноста за формирање на канцеларија на почесен конзулат на Русија во Битола, но всушност станувало збор за одлука за затворање на постоечкиот почесен конзулат.

Властите во Скопје не ги наведоа причините за овој потег – изјави заменик-портпаролот на руското МНР, Иван Нечајев, додавајќи дека се работи за уште една политичка одлука, која, според него, ќе го продлабочи јазот меѓу двете држави.

Дотогаш, руски конзул со седиште во Битола беше токму Самсоненко, кој оваа почесна титула ја носеше од 2016 година, кога впрочем беше отворен конзултатот во присуство на претставници од политичкиот, верскиот и бизнис естаблишментот во земјава.

Рускиот народ и македонскиот народ многу се блиски по верска основа, по генетска основа… – говореше Самсоненко пред 6 години при отворањето на почесниот конзулат во Битола.

Според Законот за надворешни работи, Владата носи одлука за доделување или одземање на согласност за почесен конзул на странска држава, додека постапката и протоколот ги води Министерството за надворешни работи.

Со одлука на Влада, поранешниот почесен конзул на Руската Федерација во Битола веќе го нема овој статус“, кусо ни одговорија од МНР, без да соопштат кои биле причините за одземање на согласноста, која дојде во време кога Македонија се приклучи на санкциите против Русија поради инвазацијата во Украина.

Поточно, „Одлуката за престанување на важење на дадената согласност за именување на почесен конзул на Руската федерација во Битола“, како што е објавено во Службен весник, е донесена уште на 17-ти мај со потпис на премиерот Димитар Ковачевски.

Тоа значи дека Самсоненко веќе 3 месеци е обичен граѓанин во Македонија, кој не ги врши конзуларните работи пропишани со Виенската конвенција за конзуларни односи, која воедно ги определува и олеснувањата, привилегиите и имунитетите на почесните конзули.

Фокус се обиде да стапи во контакт со Самсоненко во врска во одлуката на македонската Влада да го укине неговиот статус како почесен руски конзул, но тој остана без коментар на прашањето дали му биле предочени причините за оваа одлука, како и дали таа ќе влијание на неговите бизнис-активности во земјава.

БИЗНИС СОРАБОТКА СО КАМЧЕВИ И МИЈАЛКОВИ

Првата фирма што Самсоненко ја формираше во земјава е „Бетсити Балкан“, која делуваше како друштво за коцкање и обложување од 2006 до 2018 година, кога прво се трансформираше во друштво за управување и издавање на сопствен недвижен имот, а потоа за трговија на големо со канцелариски машини и опрема.

Оваа компанија е активна до денес, но, според нејзините финансиски извештаи, од 2017 година наваму нема значителна финансиска активност. Во истата година, Самсоненко ја формира маркетинг-компанијата со сличен назив – „Бетсити Интернешнл“, каде тој е партнер со „ОРКА“ на семејството на Јордан Камчев.

Меѓу другото, Самсоненко моментално се јавува како управител на компаниите „Сис Балкан“ и Сис Балкан Инвест Груп“, кои се меѓусебно капитално поврзани, додека годинава тие преминале во сопственост на „ОРКА“ на Камчеви.

Исто така, Самсоненко е сопственик на Спортскиот центар Јане Сандански, што своевремено го изгради како дел од комплекс со хотел Русија. Воедно, негово е и друштвото со назив Фудбалски клуб Парк, кој почна да работи како младинска академија, со амбиција да стане фудбалски клуб, по неговото повлекување од Вардар.

Според податоците од Централниот регистар, тој уште се јавува како дел од сопственичката структура на повеќе компании, меѓу кои  „Сис Инвест Груп“, која своевремено падна во стечај, што, како што обвинуваше Самсоненко во интервју за неделникот Фокус, било дел од криминална шема, чија цел, според него, била да му го одземат објектот што го градеше на скопскиот плоштад познат како Офицерски дом.

Се сомневаме дека се работи за организирана шема, во спрега со фирми, посредници и судот, како и обвинителство, позната во светот како организирано преземање објект со намалување на цената, негово фиктивно обезвреднување и нанесување штета на друг. Се ова ниту може да биде случајно, ниту, пак, може да се организира без спрега со надлежните органи – рече тогаш Самсоненко.

Покрај тоа, оваа компанија формирана во 2011 година од друштвото „Демко“, која Самсоненко ја презема во 2015 година, се најде и на списокот на фирми што го објави Јавното обвинителство, чии уддели се замрзнуваат во предметот „Империја“, поради докази дека се работи за скриен имот на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков.

Притоа, Самсоненко и Мијалков ги поврзува уште една фирма – „Софија Градба“, која се јавува како акционер во ЗК Пелагонија, Жито Полог… Денес, содружници во „Софија Градба“ се Самсоненко и „Бест Веј Инвестмент“ на Јордан Мијалков, син на Сашо Мијалков.

По повлекувањето од директорската позиција во УБК, како што пишувавме, Мијалкови преку оваа компанија почнаа да влегуваат во сопственичката структура на повеќе субјекти. Еден од нив е и тетовски Жито Полог, каде, според Централниот депозитар за хартии од вредност, Самсоненко денес поседува и 15 отсто од акциите.

Инаку, Руската Федерација има уште еден почесен конзул во земјава. Тоа е поранешниот ректор на УКИМ Велимир Стојковски, чиј конзулат е лоциран во Охрид. Но, за него Владата нема донесена одлука за повлекување на согласноста.

Влатко Стојановски

Поврзани новости