Самостојниот синдикат на здравство во четврток на протест пред МЗ

by Fokus

Самостојниот синдикат на здравство, фармација и социјална заштита најави протест пред Министерството за здравство во четврток, поради сѐ уште непотпишаниот анекс на Колективниот договор за корекција на коефициентите на вработените.

На денешната прес-конференција во ССМ рекоа дека во анексот се бара корекција на коефициентите на вработените во здравството со различни износи, што, според Советот, би значело одредено позитивно придвижување.

– До овој момент, и покрај нашите отстапки и со тие одредени пониски износи на бруто корекција на коефициентите, кои во овој момент се пониски од она што би значело бруто корекција на минималната плата од 3.317 денари, сѐ уште го немаме ниту потпишано анексот на Колективниот договор, ниту пак имаме одредено сознание кога тоа ќе се случи, изјави претседателот Љубиша Каранфиловски.

Според нив, се работи за корекција која во овој момент не соодветствува на она што се случило од двете последни покачувања на платата и доколку до среда не им се презентира она што според нивни сознанија го договориле Министерството за здравство и Фондот за здравство, во четврток ќе излезат на протест.

– Очекуваме најдоцна до среда да ни се презентира што договориле, доколку тоа не се случи, во четврток во 11:55 ги повикуваме сите членови во Синдикатот и сите вработени во здравството, кои нема да бидат вклучени во работниот процес на тој ден, да бидат присутни на протестот, за да го искажеме нашето незадоволство за несериозниот пристап кон сериозно прашање, порача Каранфиловски.

Поврзани новости