Движењето „Самоопределување“ од Косово денеска излезе со соопштение за моменталната ситуација во Македонија и ги повика Албанците да се придружат на протестите против Никола Груевски. Од движењето велат дека ги следат демонстрациите во Македонија и дека се солидаризираат со граѓаните.
-Апелираме до Албанците особено, да разберат дека ако тие се подготвени да учествуваат во протестите против криминалната влада, тогаш тие се важни за градење на иднината на земјата. Протестот на Албанците не се раѓа, ниту е воден од потребите на македонскиот елемент или државната корупција, туку од константното потценување на албанскиот народ, стои во соопштението.
„Самоопределување“ смета дека Албанците во Македонија не треба да се задоволат со ништо помалку од еднаквост и дека своите права треба да ги бараат од сегашната опозиција или секој друг кој во иднина ќе побара соработка со Албанците за да дојде на власт.
-Албанците во Македонија не се малцинство, ниту популација, туку тие се нација која треба да ги добие политичките права и одговорности кои и припаѓаат. Сега важно е да се разбере дека ниту еден Албанец, ниту албанските политички партии како ДУИ која се поистовети со Груевски, не може да има оправдување за да го штити Груевски: изолаторот, дискриминаторот и гонителот на Албанците, се вели во соопштението.
Движењето од Косово вели дека со снимките кои ги објави опозицијата Владата го загубила легитимитетот и се видело дека е водена од гангстери кои ги сметаат Албанците за граѓани од втор ред.
„Самоопределување“ пишува дека Груевски изградил режим базиран на тајните служби, шпионажа, полициска бруталност и институционална дискриминација на Албанците.