Понижувачка е оваа ситуација, но кога се децата во прашање немам друг излез, па морав вака јавно да молам за помош. Станува збор за сума од 300 евра, треба да заминеме во Скопје на прегледи на приватна клиника, и најверојатно ќе мора да останеме два дена, а јас со мојата плата како садомијачка едвај можам да платам сметки и храна – за „Фокус“ раскажува 34-годишната Марија Шиниковска од Охрид. Таа е мајка на две деца, 9-годишно девојче со церебрална парализа и искривување на ‘рбет, и 5-годишно момче со аутизам.
Вели дека треба да го носи девојчето на преглед во Скопје во приватна здравствена установа, за да се утврди степенот на искривување на ‘рбетот, а пак момчето на преглед за да му се постави точна дијагноза, односно проценка за аутизмот.
Како што појаснува, иако има пет години момчето се уште користи пелени, не зборува и воопшто не е самостојно, а слична била состојбата и со девојчето.
– Во хотел работам како мијачка на садови, додека сум на работа децата ги чува моја тетка, која исто така е во лоша финансиска состојба. Добивав детски додаток, но ми беше укинат бидејќи одам на работа, а нега не добивам, потребна е проценка на здравствената состојба на децата за да се утврди дали можам да започнам со добивање на таа помош.
Алиментација од таткото на децата не добивам исто така. Тој јасно кажа дека има кредити за отплаќање, и ми понуди единствено како помош да доаѓа и да ги причува децата одвреме-навреме.
Но, еве гледаме, доаѓаат вакви ситуации, кога станува збор за деца со здравствени проблеми, кога се потребни пари за лекари.
Родителите кои се соочуваат со вакви ситуации, можат да ме разберат, институциите се глуви и ова се моменти кога родителот го остава достоинството на страна и бара спас за своите деца со јавни апели за помош – вели мајката.
Појаснува дека плаќа кирија, сметки, храна и облека со својата скромна плата, и се труди на децата ништо да не им недостасува. Оделе често по лекари, и тоа била нивната реалност. Но, вели дека со своите примања животот кој го имаат е навистина тежок.
– Немам моќни родители кои финансиски би ме поддржале, препуштена сум на себе и на своите две раце со кои носам дома плата. Затоа молам за донации од хуманите граѓани или пак општествено одговорни компании, и се надевам дека некој ќе се смилува и ќе ни помогне – замолува мајката.
Оние кои се можност да и помогнат, можат да донираат на нејзината жиро сметка на име Марија Шиниковска, Тутунска банка 210 501768421405 или пак да ја побараат на телефонскиот број 076 605 116.
Вики Клинчарова