Од почетокот на јануари 2022 година до вчера, за 16 дена, бројот на активни случаи се зголемил за над 11.000. Ако на 31 декември 2021 година, бројот на активни случаи беше 5.006, вчера тој изнесуваше 16.132. Процентот на позитивност за време на викендот е околу 22 процент.
Во претходното деноноќие беа регистрирани 1.348 нови случаи на КОВИД-19 од направени 6.141 тестови или 21,9 проценти. Од вкупниот број на позитивни 1.348, регистрирани се 145 реинфекции.
За претходните 24 часа беа пријавени осум починати лица и 784 оздравени пациенти, информираше вчера Министерството за здравство повикувајќи се на податоците од Институтот за јавно здравје.
Досега во земјата се направени вкупно 1.706.696 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 244.632, бројот на оздравени пациенти е 220.400, на починати е 8.100, а бројот на активни случаи изнесува 16.132, од кои половината се во Скопје.
Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има 8609, следи Битола со 1456, Прилеп – 890, Куманово – 580, Охрид – 565, Кавадарци – 413, Струмица – 321, Велес – 317. Во другите градови има под 300 заразени, а во Дојран има само седум активни случаи.