Само Уставниот суд е единствен надлежен орган да одлучува за престанок на функција на судија на Уставен суд. Ова е едногласно усвоениот заклучок којшто уставните судии денеска го донеле на работен состанок откако минатата недела Судскиот совет испрати до Собранието известување дека уставната судијка, Добрила Кацарска пред две години ги исполнила условите за старосна пензија како судија во Кривичниот суд.
–Секое преземање на било какво дејствие на било кој државен орган, надвор од уставно утврдените основи во членот 111 претставува грубо кршење на Уставот и упад во независноста и самостојноста на Уставниот суд. Судот потенцира дека во 60 годишната историја на постоење на Уставниот суд, не постои случај да престане функцијата уставен судија по основ на остварување на старосна пензија, велат од Уставниот суд.
По смената на власта, во Собрание стигна известување дека Кацарска е за во пензија
На прашањето дали судиите се солидаризираат со судијката Кацарска, од Судот велат дека со денешниот заклучок Судот го штити Уставот, својата независност и самостојност.
За известувањето од Судскиот совет појаснуваа дека не станува збор за иницијатива за разрешување на Кацарска туку за известување за запознавање и евентуално натамошно постапување на Собранието.
Во дописот беа приложени одлуки на Судскиот совет кои ги донел за пензионирање на поранешни членови на Судскиот совет од редот на судиите, какона пример судијата Киро Здравев, Зоран Теофиловски, Гордана Спиреска и Мери Радевска.
Собранието пак извести дека нема да одлучува по известувањето.
– Собранието согласно Уставот, Деловникот и законите работи и одлучува по конкретни предлози на акти, предлози за избор / именување или разрешување доставени од овластени предлагачи, рекоа од Собранието.
Собранието нема да одлучува за пензионирање на Кацарска
Според член 111 став 4 од Уставот на судија на Уставниот суд функцијата му престанува ако поднесе оставка, а судијата ќе биде разрешен од должноста ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција, нешто што го утврдува Уставниот суд.
Ф.Ф.С.