Само што излезе од затвор, по помилувањето од претседателката Сиљановска-Давкова, денеска е уапсен за ново кривично дело – Убиство. Акиф Равманоски кој е член и неформален водач на нарко групата „Барон“ денеска е повторно приведен за пукањето во Чаир, информираат од обвинителството.
„За лицето се водеше претходна постапка во врска со оружениот инцидент кој се случи на 14 октомври на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Чаир. Вештачењата за присуство на барутни честички кои беа извршени по наредба на јавниот обвинител ги потврдија првичните сознанија дека сега осомничениот со огнено оружје – пиштол испукал неколку истрели во правец на оштетениот со умисла да го лиши од живот и му нанел прострелна рана во пределот на ногата.
Веднаш по пристигнување на вештиот наод, денеска е донесена Наредба за истрага на осомничениот, а до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор.
За истиот настан, по поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи против три лица, Основното јавно обвинителство Скопје за нив поведе постапка за кривично дело – Учество во тепачка од член 132 став 1 од Кривичниот законик“ наведуваат од обвинителството.
Акиф Равманоски беше прв на листата од помилуваните на претседателката на државата. Тој дури вчера јавно ѝ се заблагодари на Сиљановска – „Се гордеам што токму Вие сте нашата прва дама“.
Давкова во прва изјава за медиумите по помилувањата кажа дека имало интересни ликови на списокот во негативна смисла, но дека таа не ги знаела и дека го почитувала мислењето на Комисијата за помилување.
Инаку Акиф е водач на групата „Барон“ именувана по кафуле во Чаир за која почна да се зборува по двојното убиство во „Шиша бар“.