Само едно од семејствата на убиените кај Смиљковското езеро не доби обештетување, Владата бара начин да ја исправи неправдата

by fokus

Четири, од петте семејства, чии што деца беа убиени кај Смиљковското езеро, добија по 70.000 евра обештетување од државата, но единствено семејството на Филип Славковски, се уште не е обештетено. Неделникот „Фокус“ неодамна пишуваше за неправдата која му е нанесена на ова семејство, бидејќи како што велат и самите, не се работи за парите, бидејќи со нив не можат да го вратат синот, туку ги боли нееднаквиот третман и судската голгота низ која повторно минуваат.

Три години по петкратното убиство, Владата на седницата одржана на 26 мај 2015 година, носи одлука парично да се обештетат семејствата на убиените момчиња. Процедурата продолжува формално на суд, бидејќи и семејставата и државниот правобраниетел се согласуваат на понудената сума.

Но, сепак судијката кај која се паднал предметот на семејството Славковски, одлучува поинаку од останатите четворица судии. Таа смета дека треба да се почека правосилната пресуда за случајот „Монструм“, па дури потоа да се исплати обештетувањето. За да биде скандалот поголем истата одлука ја носи и Аплеациониот суд, по жалба поднесена од семејството. Па така, поради една навидум, формална постапка, ова семејство веќе година и половина е заглавено во судските лавиринти, каде што одново и одново го преживува денот кога нивниот Филип беше свирепо убиен.

Во вакви постапки судот не решава дали семејствата ќе добијат надомест, туку постапува за да ја утврди висината на обештетувањето. Бидејќи и тужителите и тужената страна се спогодиле за износот судот само требало да ја аминува спогодбата.

Но наместо тоа, судијката Цветанка Сиљаноска – Костадиновска решава да не се дозволи порамнувањето и на државата да и „заштеди“ 70.000 евра.

Образложението на судијката е дека за судскиот случај „Монструм“, во кој им се суди на обвинетите за извршување на масакрот се уште нема правосилна судска пресуда. Поточно, според неа, најпрвин треба да се почека и Врховниот суд да ја потврди првостепената пресуда, или пак, доколку повисоките судови решат да го вратат случајот од почеток, семејството да се стрпи и да почека, се додека не се добие правосилна завршница, која може да трае со години.

Во конкретниот случај Судот не го дозволи порамнувањето на странките и оцени дека не е дозволено затоа што пресудата на Основниот суд Скопје 1 се уште не е правосилна, пишува во решението на судот.

За правниот застапни на семејството Славковски ова образложение не е правно издржано, бидејќи оштетата ја дава државата, а не обвинетите. Доколку штетата се побаруваше од обвинетите тогаш е неопходно да се почека правосилност на пресудата, односно да се утврди дали тие се виновниците или не. Во случај кога државата ја врши исплатата, ваквото објаснување на судијката е небулозно.

Раденко Славковски, татко на убиениот Филип, за „Фокус“ појаснува дека не може да разбере зошто судот забранува да му се исплати обештетувањето, кога веќе тоа право го оствариле останатите четири семејства, чии деца исто така настрадаа во Велигденскиот масакр.

Никој не може да го врати нашиот син, да ни ја надомести загубата, или пак да ни ја намали болката со која живееме секој ден и ноќ, но сепак несфатливо е зошто не ни дозволуваат да го оствариме правото кое ни следува, вели Славковски.

 

Токму затоа побаравме одговор од Владата, за тоа дали може да се изнајде начин да се исправи неправдата кон оваа семејство. Повеќе од јасно е дека тие не може и не треба да се мешаат во судската власт, но со огледед дека семејставта на загинатите во Кумановските настани беа обештетени од државата без судска постапка, истото да се примени и во овој случај.

-Владата е запознаена со овој случај, па затоа се разгледуваат сите можните решенија за да на најсоодветен начин, за засегнатите, се реши случајот, ни одговори Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.

Валентина Вурмо

Поврзани новости