Само еднаш се случило да биде повлечен претставник од Евровизија, и тоа поради смрт на претседател!

by fokus

Јавниот сервис МРТ вчера ја соопшти одлуката Андреа Коевска да настапи на втората евровизиска вечер, и покрај настанот со фрлањето на македонското знаме, поради кој првично беше најавено дека се разгледува можност за нејзино повлекување.

Како што информираа од МРТ, се одлучиле таа да настапи на манифестацијата, бидејќи нејзино повлекување во момент кога сите рокови за повлекување биле поминати би предизвикал голема финансиска штета и други санкции кои не биле за занемарување.

-Имено, со откажувањето би се загрозилo и учеството и отстапувањето на телевизиските права на сите други настани кои што Јавниот сервис ги добива како членка на Европската радиодуфузна мрежа- соопштија од МРТ.

Кога е историјата на Евровизија во прашање, досега е забележан само еден случај кога земја учесничка го повлекла својот претставник.

Настанот се случил во далечната 1974 година, кога Франција ја повлече својата претставничка Дани, која требаше да настапи со песната “La Vie À 25 Ans”, само неколку дена пред шоуто.

Причината за тој потег беше смртта на францускиот претседател Жорж Помпиду, почина на 2-ри април 1974 година, на 62-годишна возраст од Валденстромова болест, ретка форма на рак на крвта.

Во наредните години, ниту една земја учесник на Евровизија не го повлекла својот учесник откако веќе пристигнал во земјата домаќин, непосредно пред одржување на манифестацијата.

Од МРТ исто така најавија дека се размислува од наредната година Македонија повеќе да не учествува на Евровизија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости