Само еден епидемиолог во Делчево, Берово, Пехчево и Виница, а Ковид 19 не стивнува

by Fokus

Општинскиот кризен штаб од Делчево алармира дека целиот краен исток е оставен само со еден епидеолог, а епидемијата со Kовид-19 не стивнува.

Оттаму бараат засилување или помош од друга епидемиолошка служба за да може навремено да се интервенира во изработката на епидемиолошките анкети и за побрзо да се доставуваат решенијата за изолација.

„Соочени со проблемот со отсуството на епидемиологот од Делчево и проблемот што за целиот краен исток и за општините Берово, Пехчево, Виница и Делчево е одговорен еден епидемиолог, а во сите овие општини има зголемен број случаи со коронавирус, како ОКШ бараме помош од епидемиолог или друго стручно лице од Центарот за јавно здравје Кочани за да може да се интервенира навремено во изработката на епидемиолошките анкети, побрзо доставување на решенијата за изолација и сл.“, алармираат од Кризиниот штаб во Делчево.

Оттаму бараат во сите фирми и институции строго да се почитуваат протоколите за заштита од ковид-19, а инспекциските служби да се поажурни.

„Доколку некој има симптоми на болеста или е без симптоми, но имал контакти со заболени лица, задолжително да направи тест и веднаш да се самоизолира, без разлика што резултатите не се готови. Со тоа ги штитите своите најблиски, пријателите, соседите, целиот град“, стои во заклучоците на Кризниот штаб.

Според последните податоци до 10 часот утринава, во Делчево има 11 лица позитивни на коронавирус од кои 3 се со потешка клиничка слика и се на болничко лекување, а 16 лица се во самоизолација. Овде, МВР досега поднело 81 пријава за неносење заштитни маски.

 

Поврзани новости