Во Косово последниве денови видно е намалена бројката на новозаразени од Ковид-19, а и покрај многу помалиот број на тестирани очигледен е падот и на процентот заболени од оние кои се тестираат, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според официјалните податоци на косовските здравствени власти, од 102 тестирани лица во последното деноноќие се регистрирани 4 нови случаи, а едноцифрена беше бројката на новозаболени и претходниот ден, в недела, кога од 131 тест позитивни на корона вирусот резултираа 6 лица. Така, од над 30 до 35 отсто заболени пред дваесетина дена, процентот на позитивни од вкупниот број на тестирани вчера и денеска опадна на 4,5 односно четири отсто.
Последните седум дена не е забележан ниеден смртен случај како последица на пандемијата, а бројката на активни заболени, која пред помалку од еден месец се искачи на над три илјади, денеска изнесува 196 и бележи постојан тренд на намалување, со оглед дека секојдневно има повеќе излекувани одошто новозаболени од Ковид-19.