Само ако се ограничи препродажбата, Катар ќе даде гас на ЕУ

by Fokus

Катар сака Европската унија да ја ограничи препродажбата на катарскиот природен гас надвор од блокот, доколку ЕУ сака да добие природен гас од страна на најголемиот светски производител на ЛНГ во светот и од други големи добавувачи во случај на вонредно снабдување поради евентуален руско-украински конфликт.

Ова го објави Ројтерс, повикувајќи се на извор запознаен со разговорите.

Катар, исто така, побарал решение од ЕУ за истрагата во 2018 година за нејзините долгорочни договори, за кои Европската комисија вели дека може да го попречи слободниот проток на гас во Европа и нејзиниот единствен пазар на гас, додал изворот.

Барањата на Катар се во срцето на либерализацијата на пазарот на гас во ЕУ. Европската унија смета дека потполно слободната трговија со гас е од суштинско значење за енергетската безбедност, но големите производители и некои потрошувачи на природен гас веруваат дека реформите во последните две децении често предизвикуваат хаос и довеле до повисоки цени.

Соединетите Американски Држави се загрижени дека Русија се подготвува да ја нападне Украина, а во последните неколку недели побараа од Катар и другите големи производители на течен природен гас да истражат дали можат да испорачаат дополнително сино гориво во Европа ако руските испораки прекинат.

Русија испорачува околу една третина од европскиот гас, а секој прекин би ја влошил веќе постоечката енергетска криза предизвикана од глобалниот недостиг на нафта и гас.

Иако Катар нема доволно резервен производствен капацитет, земјата од Блискиот Исток сигнализираше дека ќе биде подготвена да пренасочи дел од своите количини гас за Азија во Европа, со посредство на Соединетите Држави.

Доха се уште нема поднесено такво барање за пренасочување на испораките на гас, изјави извор на Ројтерс.

Во разговорите во Вашингтон оваа недела меѓу емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал-Тани и американскиот претседател Џо Бајден, ќе се разговара за можните итни испораки за Европа.

Минатата недела Доха се обрати и до ЕУ, а емирот на Катар разговараше со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен. ЕК рече дека нема да коментира детали од разговорите со меѓународните партнери за снабдувањето со гас.

Поврзани новости