Јавните претпријатија основани од Владата или општините често и значајно ги менуваат годишните планови за тоа колку пари ќе потрошат на тендери, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Во документот што го носи името „Мапирање на ризиците од корупција во јавните набавки на претпријатијата во сопственост на Владата и на општините“ се истакнуваат и други проблематични пракси преку набљудување на сите јавни набавки во 2019 година на 37 јавни претпријатија основани од Владата, Градот Скопје и општините Кавадарци, Гостивар и Струга.
Имено, од 37 анализирани претпријатија само три (8 отсто од вкупниот број набљудувани претпријатија) не го смениле планот за јавни набавки во тековната година, односно се придржувале на планот донесен на крајот на 1 јануари 2019 година. Сите останати постапиле спротивно, при што 49 отсто направиле до три измени, а 43 отсто од јавните фирми направиле повеќе од три измени.
Кај некои јавни претпријатија, како АД „Електрани“, пак, големиот број на измени на планот за јавни набавки е разбирлив бидејќи претпријатието само во 2019 година спровело дури 986 тендери. Во Градски енергетски системи АД Скопје, со една измена на планот за јавни набавки, бројот на тендери е зголемен од 12 на 35. Во АД Железници на РСМ Транспорт – АД Скопје, со три измени на планот бројот на планирани набавки е зголемен од 138 на 200 итн.
Од друга страна, пак, голем број од јавните претпријатија не успеваат да ги спроведат тендерите што ги планирале. Сето тоа, велат од ЦКГ, говори за несоодветна проценка на потребите и го зголемува ризикот од влијание на надворешни актери врз одлуките на службените лица, што создава можност за „неформални договори“.