Само 250 милиони од милијардата од Орбан ќе завршат во приватниот сектор, со другите ќе се покриваат дупките во Буџетот

by Fokus

Финансискиот пакет од една милијарда евра, кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер Христијан Мицкоски го најави веднаш по победата на парламентарните избори на 8 мај, идната влада ќе го обезбеди од Унгарија, а ќе се троши за поддршка на ликвидноста на Буџетот поврзана со капиталните проекти.

Ова во интервју за ТВ Сител го откри министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.

-Таа една милијарда евра нема да ја земеме наеднаш и нема наеднаш да влезе во економијата. Дел од нејзе ветивме дека ќе ја дадеме на приватниот сектор преку Развојната банка, тоа се 250 милиони евра, а 750 милиони евра ќе останат за поддршка на ликвидноста на Буџетот поврзана со капиталните проекти, прецизира Димитриеска Кочоска.

За кредитот од една милијарда евра што го најави премиерот Христијан Мицкоски рече дека ќе се добие со камата помала од 3 отсто, а доколку се издаде еврообврзница каматата би била над 5,6 отсто.

Информацијата дека задолжувањето од една милијарда евра ќе се случи во директен договор со Унгарија им ја соопштил на партнерите од идната влада додека траеле преговорите за составување на извршната власт, велат извори на „Фокус“ од парламентарното мнозинство. Неофицијално, кредитот ќе биде подигнат со ниска каматна стапка од три проценти што е исклучително поволен услов за било какво задолжување за една земја во странство.

Ден по изборите, Мицкоски гостувајќи во „Само интервју“ на „Канал 5“ ја најави амбициозната агенда во економијата со сериозна странска инвестиција во енергетиката, односно парк со ветерници крај Радовиш , влез на две странски компании во слободните економски зони и финансиски пакет во соработка влада со влада во вредност од една милијарда евра.
– Можам да најавам еден финансиски пакет во соработка влада со влада во вредност од 1 милијарда евра, со исклучително поволни услови. Со добар грејс период со исклучително атрактивна каматна стапка, рече Мицкоски потврдувајќи дека станува збор за кредит од друга држава, но не откри други детали.

Финасискиот пакет кој ќе го потпишат владите на Унгарија и на Македонија најверојатно ќе се реализира преку тамошната државна „Ексим Банк“ која и претходно обезбедувала кредити на земји во развој, но според унгарските медиуми нема силно портофолио за обезбедување на толку високи суми.

Угледниот унгарскиот медиум „Маѓар наранч“ анализираше што би добила Унгарија како земја ако и даде кредит од една милијарда евра на земја со штотуку формирана влада. Новинарите не добиле одговор од банката дали е можно да одобри толку голема сума за друга земја и како е можно да се преговара со политичари кои биле опозиција до изборите.

Експорт-импорт „Ексим Банк“ има искуство со кредитирање на земји надвор од Европската унија. Во 2021 година истата банка ја поддржала владата на Република Српска предводена од Милорад Додик со 116 милиони евра. Меѓу неевропските клиенти на оваа банка се Египет, Лаос, Индонезија и Иран кој добил кредит од 85 милиони евра за подобрување на билатералната трговска размена.

Орце Костов

Поврзани новости