Претседателот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), и до пред еден месец заменик-директор на Јавното Претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта „Македонија пат“, Самка Ибраимоски, за ,,Фокус” открива дека има големa страст кон пишувањето на афоризми.
Вели дека сите мудрости кои ги пишува, но и ги објавува на социјалните мрежи, се производ на неговото богато искуство, како во политиката, така и во приватниот живот, и преку пораките си ја отвора душата и кажува што мисли и како се чувствува.
-Јас сум околу три децении во политика, од мене сите има што да научат! Афоризмите кои ги пишувам предизвикуваат многу реакции, ми се јавуваат луѓе, некои од прва разбрале каква порака носи објавеното, некои пак прашуваат што сум сакал да кажам.
Тоа е моја природна дарба, и се случува во еден ден да објавам повеќе афоризми – појаснува Ибраимоски.
-Се е во рацете на еден човек, а човек е во рацете на една жена!
-Кога жената престанува да зборува, мажот започнува да размислува!
-Жена без маж, како риба без чадор!
-Сите жени сакаат еден, после уште еден! – се дел од неговите афоризми.
Вели дека има многу да напише, но се воздржувал, бидејќи политичарите се лутеле кога ја пишувал вистината за нивното владеење.
-Денес сакав да објавам еден нов афоризам кој гласи – ЕУ не сака да разговара со политичарите за влез, туку ќе ги бара нивните родители!
Кој разбра – разбра, сакам да кажам дека овде имаме големо неискуство на политичката сцена, значи овие вистини кои ги пишувам треба да се прочитаат и по неколку пати, за појасно да се сфатат.
На пример, кога напишав дека жената без маж е како риба без чадор, ме прашуваат што ќе и е на рибата чадор во вода. Па, тоа е тоа, како што рибата може без чадор, така и жената може без маж!
Откако се повлеков од јавната функција во ,,Македонија пат”, имам многу време за средби со граѓаните, разговарам со нив, ја знам сржта на проблемите.
Во Тетово го минувам времето, не влегов во парламентот, поради законот за застапеност на жените и сметам дека тоа е дискриминација. Имам многу да кажам, тоа во последно време го правам преку афоризмите-раскажа Ибраимоски, кој планирал да издаде и книга со афоризми во блиска иднина.
Вики Клинчарова