Самит Македонија 2025: Компании, работна сила и администрација на иднината преку иновации и дигитална трансформација

by Fokus

Иднината на компаниите, работната сила и администрацијата низ иновациите и дигиталната трансформација е главна тема на годинешниот Самит на Македонија 2025, што ќе се одржи во Скопје на 18-19 мај 2022 година, со физичко присуство.

Самитот Македонија2025 е врвен регионален настан кој претставува платформа за споделување знаења, поврзување на бизнисите и поттикнување промени во регионот, единствен од овој тип во Југоисточна Европа.

Самитот 2022 ќе ги разгледа клучните области и приоритети за долгорочен раст на Македонија, регионот и светот во целина. На Самитот ќе се дискутираат актуелни регионални и глобални теми, како што се промените во бизнисот и општеството како резултат на дигитализацијата и развојот на технологијата, моќта на лидерството, градење на глобални брендови, дигитални општества, работните места и човечкиот капитал, како и „блокчеин“ технологиите и паметните договори.

Ќе бидат презентирани исклучителни примери на трансформација на традиционални и локални бизниси во современи, глобални потфати и брендови преку користење на достапните напредни технологии и анализирани многукратните бенефити од овие промени за граѓаните и заедниците. Особен акцент ќе биде ставен на лидерството, како клучен фактор на овие трансформации, а во таа смисла и на важноста на целосната и еднаква застапеност на жените на сите нивоа, во приватниот и во јавниот сектор, а посебно во СТЕМ областите. Панелите треба да понудат одговори на клучните прашања кои како приоритет го имаат брзиот, а во исто време и долгорочен развој и просперитетна иднина на целиот регион.

Сите овие теми се поврзани со Платформата за просперитетна иднина подготвена од Македонија2025, која нуди основа за обединување на сите засегнати страни и усогласеност на клучните приоритети за долгорочен развој и за подобра иднина на Македонија.

На настанот ќе присуствуваат преку 40 врвни говорници и 400 учесници, кои ќе имаат единствена можност да се запознаат со последните светски трендови во бизнисот, да се вмрежат со исклучителни професионалци и да остварат нови партнерства и соработка со потенцијални инвеститори.

Дел од говорниците ќе бидат: Ана Брнабиќ, Премиерка на Република Србија; Александрос Камарас – Управен директор за Југоисточна Европа во Империал Тобако; Улар Јаксо – основач-партнер во Digital Nation Ltd.; Инес Капс Виш менаџер, раководител за управување со промени и комуникација во MSG советници; Ацо Момчиловиќ – Ко-директор и ко-основач на Глобалниот институт за етика за вештачка интелигенција; Харди Пемхива – Претседател и извршен директор на Cassava Technologies; Џајлс Норман – Амбасадор на Канада во Србија, Црна Гора и Северна Македонија; Алесандра Молц – Специјалист за вештини на Меѓународната организација на трудот; Јацек Ратајчак – Извршен директор во Зониферо; Душан Васиљевиќ, Директор на Одделот за конкурентност и инвестиции во НАЛЕД; Саша Билиќ – Извршен директор во APIS IT; Ендру Вробел – Основач и партнер на Emerging Europe; Реља Марковиќ Главен технички директор на MLCommons; и многу други.

Повеќе информации за учество на Самитот се достапни на официјалната веб-страна:  https://www.macedonia2025.com/summit-2022/

Самитот официјално ќе го затвори Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, а во првиот панел ќе се обрати и Премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

Меѓународната невладина организација по единаесетти пат го организира годишниот Самит Македонија 2025 кој претставува динамична платформа за споделување на знаења од областа на бизнисот, економијата, технологијата, лидерството и иновациите.

Поврзани новости