Селекторот на националниот фудбалски тим, Игор Ангеловски денеска го соопшти списокот на фудбалери за квалификациските дуели против Словенија и Полска, за кои вели дека се најважни за нашиот национален тим во циклусот за пласман на ЕП 2020.
– Списокот речиси во целост е истиот што беше на претходните натпревари. Дарко Велковски отпадна поради повреда, а ги чекаме последните медицински наоди за Енис Барди за да знаеме дали може да биде на располагање. Во националниот тим се враќаат Ристовски и Тошевски, а Бејтулаи нема да го имаме со Словенија поради три жолти картони. Убеден сум дека дуелот со Словенија ќе биде нашето најдобро издание, затоа што за нас ова е многу важен натпревар, но истовремено и дуел во кој ќе уживаме. Самите се донесовме во ситуација да се надеваме на висок пласман во групата и ќе направиме сѐ за да го постигнеме тоа, изјави Ангеловски.
– Може да победиме само ако сме како тим и ако играме како што знаеме. Словенија сите мечеви ги одигра речиси со истите фудбалери. Истото практикуваме и ние. Менуваме само кога имаме повредени. Имаме неколку системи на игра кои во изминатите години ги користевме на натпреварите. Словенија е тим што има голман како Облак, лидер како Иличиќ, но очекувам една рамноправна битка, а сепак борба на секој дел од теренот. Јас верувам во овие фудбалери, додаде селекторот.
Натпреварот меѓу Македонија и Словенија се игра на 10. октомври на Националната арена „Тодор Проески“. Собирот е на 7. октомври во „Гранд Плаза“, а првиот тренинг е од 18:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“.