Грција, по обновување на преговорите со Македонија за решавање на спорот со името, во декември минатата година се соочува со огромни внатрешни политички контрадикторности во однос на ова прашање, објавува грчкото издание „Документо“.
И покрај евидентниот оптимизам за решавање на спорот и кај грчката и кај македонската влада, некои политички фактори и партии во Грција кои речиси три децении се вклучени во спорот одбиваат да изнесат јасна позиција, иако во минатото многумина од нив беа мошне блиску до неа.
„Документо“ изнесува факти за тоа каков став зазеле тројца политичари од конзервативната партија Нова демократија во минатото во однос на прашањето за името, пренесува МИА.
Прв, кој дал потврда за името Македонија бил Андонис Самарас. Тој во 1991 година ја потпишал спогодбата во која „ПЈРМ“ од него била наречена „Република Македонија“.
Весникот потсетува дека во декември 1991 година министрите за надворешни работи од Европската економска заедница се состанале да го одобрат воспоставување трговски односи со земјите, кои произлегле од распаѓањето на Југославија.
Спогодбата, која ја потпишал Андонис Самарас, тогашен министер за надворешни работи во владата на премиерот Константинос Мицотакис била насловена како „Извештај на ЕЕЗ број 3567/91, усвоен од Советот на 2 декември 1991 година, во врска со статусот, кој се однесува на увозот на стоки со потекло од републиките, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија и Словенија“.
Во материјалот се вели дека тоа било првото признавање на Македонија од Самарас, кој во ЕЕЗ ставил и потпис на тој документ, со кој се признава распаѓањето на Југославија, без при тоа да се поставуваат услови за тоа како ќе се нарекува северниот сосед.
Новинарот К. Ваксеванис, во својат текст за „Документо’“ пишува: „Пред неколку години Константинос Мицотакис ми призна дека тогаш Самарас не одговорил на телефонскиот повик од неговиот премиер, за да ги добие насоките, односно условите, кои требало да ги постави“.
Откако било донесено решение и работата стигнала до свршен чин, Самарас му се обратил на Мицотакис. Подоцна на средбата во Лисабон самиот Мицотакис, успеал да го протурка името „ПЈРМ“.
Натамошните настани се познати, однесување на Самарас станува причина за падот на владата на Мицотакис, а самиот тој ја напушта Нова демократија и создава своја политичка партија „Политичка пролет“, а потоа се враќа во неа, потсетува „Документо“.
Притоасе осврнува и на поранешниот премиер, Костас Караманлис, кој сега прокламира дека „Македонија е грчка и една“, но во Букурешт во 2008 година признал и „други Македонии“.
На самитот на НАТО во 2008 година, на кој беше разгледувано членството на нови земји во Алијансата, тој признал, според официјалните протоколи, за постоење на три Македонии: во Грција, Македонија и Бугарија.
Според протоколите за дебатите, предадени на владите на земјите-членки и објавени од весникот, грчкиот премиер ја признал Македонија како географски регион, кој се простира и во други земји.
– Без решавање на прашањето за името не можам да упатам покана до ПЈРМ..Невозможно би било една земја да влезе во Алијансата под времената референца ПЈРМ, што би довело до монополизирање на терминот „Македонија“, кој им припаѓа исто така и на две други држави. Поради тоа ние сме во ситуација во која мора да ја откажеме поканата, изјавил тогаш Караманлис.
Од протоколите на самитот на НАТО исто така се гледа дека немало никакво вето од страна на Караманлис во однос на името на ПЈРМ, пишува весникот, пренесува МИА. По се изгледа, додава „Документо“ набргу многу европски земји, меѓу кои Франција, Германија и Шпанија не се согласиле со тезата на тогашниот американски претседател Џорџ Буш дека Македонија треба да добие покана за членство независно од името.
„Документо“ цитира и анонимен извор, близок до Дора Бакојани, која во улога на министер за надворешни работи тогаш била сметана за архитект на решението на проблемот со името, во кое бил содржан терминот „Македонија“.
Истиот извор нагласува дека Бакојани го претставила тоа решение официјално на седница на министерскиот совет како позиција на владата. Тоа таа го правела со поддршка на тогашниот премиер Костас Караманлис.
Кога прашањето за „ПЈРМ“ во врска со НАТО фигурирало на дневен ред на Алијансата во 2007 година, Дора Бакојани излегла со позиција за решение со име со географска одредница.
Таа дури изразила мислење дека може да биде прифатено името „Република Горна Македонија“, како и дека е можно да биде разгледана варијантата „Нова Република Македонија“, тврди „Документо“.
Оваа нејзина позиција тогаш е во спротивност со ставот на нејзиниот брат, Киријакос Мицотакис, кој сега е лидер на Нова демократија.
Извор: МИА