Вчерашниот марш за почит воздух се најде на денешната собраниска дебата за Законот за јазици. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои воглавно сами на себе си реплицираат, јавно го упатија прашањето како е можно власта да излезе на протест против власта откако на маршот беа регистрирани функционери од владата на Зоран Заев.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Стевананџија праша дали ова ќе биде нова пракса на Владата.
-Штрајкуваа против Владата, против нивниот министер Дураку и нивниот заменик министер, Макрадули. И денеска ќе продолжат со таа пракса затоа што се искрени. Ќе штрајкуваат во Тетово против загадувањето, утре во Струга, па во Прилеп, пред „Еурокомпозит“, ќе бараат од Анѓушев да им ги исплати ветени плати на вработените. Од Министерството за земјоделство ќе ги бараат ветените субвенции. Се ќе се сведе на комедија до типот на „Топ листа надреалиста“, каде што во една фирма директорите протестираа против вработените со барање да им исплатат плата – рече Стевананџија.