Италијанскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Матео Салвини, кој е и шеф на крајнодесничарската партија „Лига”, го осуди денеска во Москва „лудилото” на западните санкции против Русија и остро ја критикуваше Европската унија.
– Дојдов, бидејќи сум убеден дека санкциите се економска, социјална и културна лудост, рече Салвини на руско-италијанската бизнис-средба.
Изјавата на Салвини предизвика аплауз во конференциската сала полна со руски и италијански претприемачи, од кои некои побараа од министерот да помогне да се стави крај на санкциите.
– Не е нормално да сум тука со вас во среда попладне. Нормално е вие да сте во фирмите, а јас да сум со рускиот колега за да зборуваме за борбата против тероризмот, кибер безбедноста и слично, изјави Салвини, кој беше примен само од страна на рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко, но не и од други официјални претставници.