Министерот за правда, Билен Саљији, не гледа незадоволство во Советот за реформи иако двајца независни експерти веќе поднесоа оставки. Тој нема податоци за оставката на професорката, Мирјана Најчевска и вели дека Советот ќе продолжи активно да функционира.
-Се работи за закони кои се од технички аспект, враќање на надлежностите на Судски совет, укинување на Совет за утврдување на факти и дополнување на законот за заштитени сведоци. Сето тоа е поминато и разгледувано од Советот. Советот најсоодветно си функционира и дава свој активен придонес, а според мене тоа така и ќе продолжи – изјави министерот за Телевизија 24.
Тој ги демантира тврдењата дека Советот е само параван за да се протуркаат закони донесени од власта.
Професорката Најчевска, пак, тврди дека за пет закони кои влегле во собраниска процедура, а кои се однесуваат на правосудниот систем, слушнала од медиумите. Овие законски решенија, иако беше предвидено да поминат низ рацете на членовите на Советот, независните експерти ги немаат видено.
Пред Најчевска оставка поднесе и професорот, Гордан Калајџиев.