Сали за „Фокус: Казнените пенали од 8,5 милиони евра ќе се решаваат во Арбитражниот суд во Париз

by Fokus

Повеќе од 15 години изградбата на скопскиот Клинички центар  е главна тема во медиумите, се појавува во сите изборни програми на кандидатите, но наместо по толку најави, сликања, потпишувања договори, поништени тендери, конечно да се изградеше, целиот процес повторно е вратен од почеток.

Сегашната власт најави дека проектот ќе чини околу 500 милиони евра, но како што дознаваме, тука не се предвидени трошоците за инфраструктура, вода, гас, електрична енергија… Во моментов, целиот процес е закочен во Собранието со 2.000 амандмани од опозиционерите.

Но, да почнеме од почеток. Во 2013 година, поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, на сите ѕвона ја најави изградбата на новиот Клинички центар, која требаше да биде една од најголемите инвестиции во здравството. Целиот процес го следеа низа скандали, од изборот на локација, фирмите што го добија тендерот, па сѐ до начинот како се одвиваше целата тендерска постапка.

Дури четири години подоцна, поточно во 2017 година на неколку дена пред заминување од власт, владата предводена од Никола Груевски во владината свечена сала го потпишаа договорот со  италијанската компанија Инсо Системи за изградба на Клинички центар, бизнис зделка вредна 72 милиони евра.

Само неколку месеци, откако функционерите на СДСМ ги презедоа позициите, го поништија тендерот и почнаа да кројат планови за изградба на нов клинички центар.

Министерот за здравство, Венко Филипче, во интервју за „Фокус“ тврдеше дека го разгледале потпишаниот договор на претходната влада во заминување и дека имало доста спорни моменти.

Го разгледавме потпишаниот договор и тоа што е спорно, немаше потпис на никој од Министерството за транспорт и врски, а се работи за објект што треба да се гради. Сѐ уште ги проверуваме деталите“, се наведуваше во одговорот на министерот.

НАБИЛДАНА ЦЕНА ОД 500 МИЛИОНИ ЕВРА?

Оттогаш поминаа четири години и никој од здравствените власти не направи ревизија на договорот, како што ветија претходно, туку едноставно почнаа нова процедура, а тоа значи дека по избраната локација во скопски Ѓорче Петров се стигна и до сумата пари, која сега чини вртоглави 500 милиони евра, пари кои ќе се обезбедат преку заем од Рајфајзен банк, Ерсте груп и Уни кредит банка.

Сепак, доколку би почнала изградбата на Клиничкиот центар на локацијата Веле Поле во Општина Ѓорче Петров, уште во самиот старт ќе наиде на низа проблеми.

Според нашите информации, таму воопшто нема пробиен пат за да се стигне до местото, каде што е планирана изградбата, а во сумата од 500 милиони евра не се предвидени трошоците за инфраструктура, средства за гас, железнички сообраќај, атмосферски води… Дали тоа значи дека, ако воопшто почне изградбата, тоа би чинело многу повисока сума од досега предвидената?

Сепак, Филипче го напушти министерството за здравство, а на негово место дојде Беким Сали од редовите на Алтернатива. После толку години, откако е раскинат договорот, сега од италијанската компанија најавуваат тужба, а ресорното министерство ќе мора да плати 8,5 милиони евра поради раскинување на договорот.

„Фокус“ на оваа тема разговараше и со министерот Сали, кој ја потврди информацијата.

„Италијанската комапнија едно барање испрати во март, а сега има повторно. Тие поднеле барање за исплата на парите, во спротивно ќе тужат. Најверојатно целиот процес ќе се решава на Арбитражен суд во Париз“, тврди Сали во изјава за „Фокус“.

Претходно, тој најави дека ќе продолжат со изградбата на скопскиот Клинички центар на истата локација, каде беше веќе објавено, но засега нема ништо.

„Фокус“ испрати прашања и на двајцата поранешени министри Филипче и Тодоров, но до објавувањето на текстот не добивме повратни одговори.

Ирена Мулачка

 

 

 

 

 

Поврзани новости