Сали не знаел за Като системот, ниту бил информиран од МВР и Обвинителството за случувањата на Онкологија

by Fokus

Поранешниот министер за здравство, Беким Сали рече дека не бил информиран од институциите за случувањата на Онкологија, туку за тоа дознал од медиумите. Не знаел ниту дека Клиниката за онкологија има Като системот за автоматизирана подготовка на цитостатици.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Коцевски рече дека е зачуден од неинформираноста на Сали околу постоењето на Като системот во клиниката. Коцевски го кажа своето лично искуство со клиниката, во која се лекувале неговите родители од карцином и починале, како и дека таму владее неред.

„Сите имаме барем еден близок со мака кој се обратил на Онкологија. Но, не сум можел да знам се што се случува во сите болници. Министерството за здравство управува со 116 институции и не сум знаел за постоење на ваков систем на клиниката и тоа го сметам како одговорност на менаџерите на клиниката. Зошто тој систем е отстранет од употреба не сум имал дојава, ниту информација од Онкологија, рече Сали.

Коцевски, пак, забележа дека „со ова се потврдува дека некој го криел Като системот, дека некој криел нешто од министерот, затоа што со Като системот се решава еден горлив проблем на Клиниката за онкологија“.

Сали меѓудругото рече дека додека бил министер, побарал оставка од поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев, поради, како што рече, неефективното менаџирање откако не изготвил извештај за работата на клиниката кој бил побаран од него.

Прашања до поранешниот министер за здравство поставија и пратениците Мартин Костовски, Гордана Силјановска Давкова, Арбен Зибери, Јованка Василевска, Тони Јаревски, Александар Вељаноски, Даниела Марковска и други пратеници, кои се однесуваат на преземените мерки на МЗ додека Сали бил министер за здравство, а во однос на набавката на лековите, начинот на давање на терапиите, нивното обезбедување, надзорот на министерството во врска со случувањата во Клиниката за онкологија, комуникацијата на Министерството со Владата и кои биле преземените акции за време на неговото раководење со министерството.

По завршување на сослушувањето на поранешниот министер за здравство, Беким Сали, објавена е пауза на седницата на Анкетната комисија која ќе продолжи во 17 часот во собраниската сала Борис Трајковски каде што е најавено сослушување на актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Поврзани новости