Сали ќе го продолжи проектот на Филипче за Клинички од над 500 милиони евра

„Фокус“ се обрати до министерството за здравство за да ни објаснат дали со доаѓањето на новиот министер Беким Сали проектот за изградба на Клиничкиот центар ќе остане ист или ќе има некакви промени?

by Fokus

Повеќе од 15 години изградбата на Клиничкиот центар е главна тема во медиумите, се појавува во сите изборни програми на кандидатите, но наместо по толку најави, сликања, потпишувања договори, поништени тендери, конечно да се изградеше, целиот процес повторно е вратен од почеток.

Сегашната власт, во тој период на чело во здравството со поранешниот министер Венко Филипче најави дека проектот ќе чини околу 500 милиони евра, но како што дознаваме, тука не беа предвидени трошоците за инфраструктура, вода, гас, електрична енергија… Во моментов, целиот процес е закочен во Собранието со 2.000 амандмани од опозиционерите.

Според нашите информации, кога пред две години бил објавен тендерот, воопшто не им била дадена можност на македонските компании да учествуваат, со самото тоа што поставените услови од Министерството за здравство уште во самиот старт ги исфрлило од игра.

Тоа значи дека наведените критериуми барале фирмите што сакаат да аплицираат, да имаат минимум годишен приход од 250 милиони евра и во последните десетина години да имаат изградено објекти од таков тип. Ниту една од македонските компании не ги исполнувала условите.

КОЛКУ ЌЕ ЧИНИ ИЗГРАДБАТА НА КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАР?

Нашите извори тврдат дека првично четири странски компании се пријавиле на тендерот, од кои во потесниот круг влегле германската „Вамед“ и француската „Буиг констракшн“. Но, тука застана сѐ и сѐ уште не се знае која од овие две фирми ќе ја добие бизнис-зделката.

Од тоа што успеавме да го откриеме за компаниите, и двете се повеќе од 30 години на бизнис-пазарот. Германската фирма има изградено неколку болници, и тоа во Русија, во германскиот град Келн, како и општата болница Бјелина во Босна и Херцеговина. Додека, пак, на веб-страницата на втората компанија може да се забележи изградба на шест клиники, како и француската филхармонија.

Сепак, доколку би почнала изградбата на Клиничкиот центар на локацијата Веле Поле во Општина Ѓорче Петров, уште во самиот старт ќе наиде на низа проблеми.

МЗ: ЌЕ СЕ ИЗГУБИ МНОГУ ВРЕМЕ АКО СЕ БАРА НОВА ЛОКАЦИЈА ЗА КЛИНИЧКИ

Според нашите информации, таму воопшто нема пробиен пат за да се стигне до местото, каде што е планирана изградбата, а во сумата од 500 милиони евра не се предвидени трошоците за инфраструктура, средства за гас, железнички сообраќај, атмосферски води… Дали тоа значи дека, ако воопшто почне изградбата, тоа би чинело многу повисока сума од досега предвидената?

„Фокус“ се обрати до министерството за здравство за да ни објаснат дали со доаѓањето на новиот министер Беким Сали проектот за изградба на Клиничкиот центар ќе остане ист или ќе има некакви промени?

„Министерот Сали веќе информираше дека во тек се разговори со поголемите политички партии, со цел да се дојде до приближување на ставовите.Изградбата на нов Клинички центар е долгогодишен предизвик на нашето здравство и од интерес на сите граѓани е да се изгради и стави во функција.

 

Граѓаните ќе изгубат доколку допрва се почне процедура за изградба на Клинички центар на друга локација, со оглед дека за нови анализи и физибилити студии се потребни повеќе години, а ова е прашање за кое има итна потреба да се реши. Оттука е и потребата да се приближат ставовите меѓу политичките партии“, се наведува во одговорот од МЗ.

Поранешниот министер за здравство Филипче пред заминување од функцијата истакна дека најмногу жали што воопшто не започнал проектот за изградба на нов Клинички центар.

Ирена Мулачка

 

 

Поврзани новости