Министерот за здравство Беким Сали предмалку информираше дека со внимание и со загриженост ја проследил сторијата на ИРЛ за Клиниката „Жан Митрев“, која, како што објави ИРЛ, вршела клиничка студија со методот на хемофилтрација без да пријави, а воедно се обработуваат и смртни случаи, кои имале по неколку бактериски инфекции.
Како што информираше Сали, по сторијата презеле неколку чекори, а еден од нив е иницирање на вонреден инспекциски надзор од здравствениот и санитарен инспекторат.
-Побаравме и информација дали во последните 3 години е спроведен надзор во клиниката и штом ја добиеме оваа информација ќе ја споделиме – рече Сали.
Воедно, тој посочи дека Малмед веќе иницираше вонреден инспекциски надзор во однос на тоа дали е почитувана или не постапката за клиничко испитување на хемофилтрација како метод на лекување на ковид 19.
-Првичните сознанија укажуваат дека не е испочитувани, но да оставиме до утре да видиме како ќе се изјасни Клиниката „Жан Митрев“ – рече Сали.
Потоа, тој додаде дека организираат и постапка пред Лекарска комора за спроведување на стручни надзори над лекување во боницата.
-Од извештајот очекувам јасно утврдување на системски недоследности кои тврдам ќе ги исправам, а извештајот ќе има цел да ја констатира состојбата и ќе го доставам до надлежните – рече Сали.
Тој ја поздравува одлуката на обвинителството да отвори предмет за случајот, бидејќи, како што рече, семејствата на пациентите ја заслужуваат вистината.
-Нема недопирливи – порача Сали, додавајќи дека стои на располагање на сите институции.