Македонија и во 2024 година нема да учествува на популарната музичка манифестација „Евровизија“, која ќе се одржи во Малме, Шведска, а одлуката вчера ја соопштија од јавниот радиодифузен сервис МРТ.
Како причина наведоа дека сите капацитети ќе биле насочени кон одбележувањето на јубилеј 80 години Македонско Радио и 60 години Македонска телевизија. И годинава земјава немаше свој претставник на настанот кој го следи милионска публика ширум светот, поради економски причини.
По објавата на одлуката за неучество на ,,Евровизија” до „Фокус“ пристигна писмена реакција од група на граѓани, кои биле редовни гледачи на фестивалот, и кои тврдат дека е голема штета да не се биде дел од учесниците на популарниот музички настан на кој се промовира земјата.
-Ова го пишуваме од име на поголема група на граѓани кои го гледаат овој фестивал со години и кои имаат деца. Нашите деца доаѓаа во допир со нашата музика за жал само преку овој фестивал, бидејќи се што има натпреварувачки карактер нив им е интересно.
Тие и ние понатаму ќе гледаме и нормално ќе имаме други фаворити, но секако ако се учествува на Олимпски игри каде едвај не претставуваат 5 спортисти, зошто не би учествувале на ,,Евровизија”? Ги оставаме нашите деца исклучително на турбо фолк натпревар емисии како „Ѕвездите на Гранд“ и други неквалитетни содржини – наведено е во реакцијата.
Понатаму, граѓаните кои бараат Македонија да продолжи со своите континуирани учества на „Евровизија“ прашуваат за каква економска криза станува збор, кога вработените во телевизијата никогаш немале поголеми плати.
Потсетуваат и на јавно објавениот Записник од 231-та седница на Програмскиот совет на МРТ, кој се одржал на 10-ти октомври, а каде членовите на советот и уредниците дискутурале околу учество, односно неучество на ,,Евровизија” 2024.
Она што повеќе ме загрижува е фактот, кој овде беше искажан, дека нема интерес кај музичките автори и изведувачи за учество како на скопскиот, така и за евровизискиот фестивал. Поразително е на кое дереџе паднал угледот на куќата. А, без квалитетни луѓе, без взаемна доверба нема производ, нема фестивал, нема евровизија, нема ништо. Кој е виновен за ваквата состојба?
Колку за споредба ќе го споменам ,,Мак фест,, кој викендов беше пренесуван на МТВ. Мала одбрана екипа од музички и естрадни зналци, без помош од државата, а со средства само од Општина Штип, го вратија во живот фестивалот на најубав можен начин и во полн сјај. Уште повеќе, од наредната година размислуваат и работат на враќањето на меѓународниот карактер на фестивалот. Во предложената програма го има и фестивалот „Цветници“ па се надевам дека куќата до Велигден ќе стаса да го врати во живот овој наш, некогашен реномиран фестивал на народна македонска музика. Кога сме веќе кај македонската музика и македонската култура, не можам да го скријам незадоволство од тоа како и колку малку ги има на нашите програми.
На седницата се искажала загриженост дека нема интерес од музичките автори и изведувачи за учество на Скопскиот фестивал и за „Евровизија“, а без квалитетни луѓе и без взаемна доверба на може да се очекува добар производ.
– Кој е виновен за ваквата состојба? – било поставено прашањето за време на седницата.
Инаку, во октомври се објави Годишната програма за работа на ЈРП Македонска Радио Телевизија, каде е наведено дека вкупните планирани приходи за 2024 година се во износ од 1.581.500.000 денари, односно над 25 милиони евра.
Вики Клинчарова