„Сакам да работам“ до кандидатите и партиите: Не ги ставајте игрите на среќа во кампањите

by Fokus

Во врска со најавата на претседателскиот кандидат Г-дин Арбен Таравари во Струга дека се залага за затворање на легалните објекти каде се организираат игри на среќа, Здружението на вработени во секторот игри на среќа „САКАМ ДА РАБОТАМ“, го упатува следниот апел:

Во име на 10 илјади вработени и нивните семејства уште еднаш апелираме секторот игри на среќа да престане да се злоупотребува во предизборните кампањи на претседателските кандидати и партиите. Секој кој се залага за радикални чекори треба да биде свесен што всушност предизвикуваат во пракса таквите ветувања.

Затворањето на легалните објекти по автоматизам ќе предизвика отворање диви играчници во подруми каде државата ќе нема никаква контрола, младината ќе биде навистина загрозена, а некои локални моќници ќе си ги полнат џебовите, без да плаќаат лиценци и даноци на државата. Доволно е да се потсетиме на скандалот „Детонатор“, кога во источна Македонија во 2011 беа запленети 1.500 нелегално поставени покер апарати. Албанија се откажа од забраната на игри на среќа, бидејќи премиерот Еди Рама јавно потврди дека таму како печурки никнале диви играчници и се зголемила сивата економија. Дополнително, надлежните институции не соопштуваат официјален податок колку државјани на Косово дневно доаѓаат и ги посетуваат легалните објекти за игри на среќа во Тетово, Гостивар, Струга, Дебар и Скопје.

Затворањето на легалните објекти за игри на среќа значи 280 милиони евра помалку во државниот Буџет на годишно ниво, ќе остави 10 илјади луѓе без работа и ќе создаде 35 илјади нови кандидати за иселување во западните земји.

Никаде во земјите на ЕУ потенцијалната зависност од игри на среќа не се решава со затворање не објектите, како што потенцијалната зависност од никотин и алкохол не се решава со затворање на кафулињата, тобако и продавниците за акцизни стоки. Конечно, програмската определба за полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ не оди со вакви радикални ветувања кои не се типични за западните демократски општества.

Погрешен е впечатокот дека ние сме против законски измени, туку сме против популистички, политички и бизнис мотивирани одлуки. Сметаме дека со нашето практично искуство можеме да дадеме свој придонес во еден широк консултативен процес во кој ќе учествуваат сите засегнати страни и конечно ќе се дојде до законски решенија кои ќе дадат одговори за грижите на граѓаните, наместо да создадат хаос и безредие со крајно штетни последици, кои многу тешко ќе се санираат.

ПР

Поврзани новости