Денеска е клучниот ден кога партиите мора да се договорат околу Изборниот законик, односно како ќе се прочистува гласачкиот список, како ќе гласа дијаспората, како медиумите да се однесуваат за време на кампањата и како партиите да се рекламираат. Во пресрет на денешната рунда преговори која се очекува да даде одговор на сите прашања остануваат ставовите на двете спротивставени страни. СДСМ ја обвинува власта за несериозно однесување, додека пак ВМРО ДПМНЕ однесувањето на опозицијата го смета за неодржливо.
И натаму најпроблематично е прашањето за гласањето на дијаспората. ВМРО ДПМНЕ бара да се задржи постојниот модел со бирање тројца пратеници и со поголема помош иселениците да го остварат своето право на глас, а СДСМ бара да се изедначи вредноста на гласот, а тоа се прави со цензус над 85 одсто или со една изборна единица. ДУИ и ДПА исто така бараат дијаспората да гласа само во земјава. Неизвесен е и моделот за пречистување на Избирачкиот список- од СДСМ пренесуваат дека е договорено целосна теренска проверка и вкрстено споредување на податоците од повеќе институции. ВМРО ДПМНЕ пак објавува дека откако СДСМ се откажале од активна регистрација на гласачите, подготвени се да прифатат се што ќе предложат само да гарантираат дека ќе веруваат во веродостојноста на податоците.
Освен овие дилеми, спорно останува и гласањето во ДИК. Ако е загрозен интересот на некоја етничка заедница, секој член ќе има право да бара двотретинско одлучување. Договорено е медиумите да не бидат донатори на партиите, но не е разработено рекламирањето во изборна кампања, односно на кои медиуми по колку време ќе може да има изборен маркетинг.
Делегацијата на ЕУ и амбасадата на САД изразија жалење што партиите не можат да се договорат. Ги поттикнуваат лидерите тоа да го сторат уште денеска бидејќи Изборниот законик мора да се усвои во најкус можен рок затоа што тоа е предвидено со договорот од Пржино. Како и да е, денеска ќе мора да има некаков договор за да можат преговорите да продолжат понатаму и по другите точки од агендата во Прижино.