Сајкоски: Со Мицкоски ја извојувавме најголемата изборна победа

by fokus

Очите на Македонија се свртени кон ВМРО-ДПМНЕ со надеж за промени и подобра иднина. Ние таа надеж кај луѓето не смееме да ја изневериме и ќе ја оправдаме. Од ВМРО-ДПМНЕ секогаш се очекува многу, но и даваме многу.

ВМРО-ДПМНЕ е активен чинител и создавач во Македонија цели 30 години, но суштината на ВМРО-ДПМНЕ е тоа што константно се подобрува, менува и приспособува на новото време, со цел добробит на татковината. Секоја една генерација се стреми да ја надмине претходната и затоа кај нас има прогрес, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски во воведното обраќање на 17-тиот редовен Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.

Сајкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ под водство на претседателот Христијан Мицкоски на овие локални избори ја извојува најголемата победа од опозиција што било која политичка партија ја имала на локални избори од осамостојувањето до денес.

– ВМРО-ДПМНЕ победи во над 40 општини со над 100.000 гласа разлика и тоа за само 4 години, кои беа проткаени со шиканирање на секој еден од вас, преместување и бркање од работни места, уништување на судбини, предизвици и силни удари за партијата и за државата, замрзнат имот, постојани оцрнувања. Но, издржавме и успеавме да кренеме глава и да го охрабриме народот. Овие 4 години не беа лесни, тоа беа години на тежок режим кој навлезе во секоја една пора од општеството. Низ сиве овие премрежја не водеше еден човек, кој не изгуби верба и не водеше низ сите битки, не изведе во победи и заедно со сите нас трасираше пат, имаше енергија да го преточи сонот на секој еден од нас во реалност, потенцираше Сајкоски.

Сајкоски истакна дека на Македонија и се потребни брзи чекори напред, а тоа е можно само со чесни и честити политичари, со луѓе кои политиката не им е средство за богатење, туку средство за помош на сопствениот народ.

– Мораме да демонстрираме одговорност, да ги менуваме нештата, да ја менуваме сликата за македонската политика, да започнат промените, да се излее енергијата на слободниот дух на интелигенцијата. Времето пред нас бара многу работа, посветеност и жртва. Јас сум убеден дека Претседателот Христијан Мицкоски сето тоа, но и многу повеќе ќе го даде на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија, изјави Сајкоски.

Поврзани новости