Идната влада во Република Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски како премиер ќе донесе и нови инвестиции, ќе донесе подобрување на инфраструктурата, ќе имаме подобро образование, ќе има повеќе и за пензионерите, рече од митингот во Маврово Ростуше генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата за пратеници во петтата изборна единица, Ѓорѓија Сајкоски.
Затоа, додаде Сајкоски, повикуваме да ја поддржите програмата „Платфрома 1198“, бидејќи тука има за пензионерите, бидејќи со неа се обврзуваме дека во рок од три месеци по формирањето на владата ќе има зголемување од пет илјади денари за секој пензионер или во текот на целата година ќе добиваат плус 60 илјади денари.
„Но, кажуваме дека ќе има покачување и на платите, дека ќе ја завршиме инфраструктурата во Македонија, бидејќи останаа не дозавршени и Градско – Прилеп, остана незавршен и Извор – Бошков Мост, патот Кичево – Охрид и многу други работи останаа незавршени. Но, ние ветуваме и се обврзуваме дека ќе ја завршиме патната инфраструктура. Ќе го изградиме патот Букојчани – Кичево, ќе го завршиме патот Гостивар – Кичево, ќе направиме да има побрз проток на стоки и услуги со што ќе се даде можност на новите инвеститори да вложуваат во Република Македонија“, рече Сајкоски.
Додаде дека Македонија мора да ја ресетираме, институциите да ги реорганизираме, да станеме репрезент во регионот, бидејќи денес сме срам во регионот, а тоа можеме да го направи само ако добиеме силна и недвосмислена поддршка и ако сите, масовно излеземе на овие избори.
„Излезете сите и масовно гласајте за Македонија биде економски просперитетна, да биде правна држава, да ги искорениме криминалот и корупцијата. За да имаме правна држава, за да имаме економски просперитетна Македонија треба да имаме влада која што може да испорача за сите и која што нема да биде уценувана од никого, а тоа зависи од вас. Да направиме Македонија да биде не уценувана, да излеземе во што поголем број, да ги победиме со пенкало овие криминалци на власт и да донесеме влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што ќе донесе раст, развој и правна држава“, истакна Сајкоски.