Саити: Зголемувањето на платите на судиите е оправдано, одлуките на Уставен мора да се почитуваат

by Fokus

Уставниот суд не ги зголеми платите, туку укина членови кои за нив се спорни.

Ова е коментарот на претседателот на Здружението на судии, Џемиал Саити на одлуката на Уставен која според него, мора да се почитува.

„Јас ја читав нивната изјава и тоа е точно, тие не утврдуваат плата, туку коригирале одредби кои според нив, сметаат дека се коригираат“ изјави Саити.

Во рамките на денешната Судиска конференција 2023, по повод одбележувањето на 31 Март – Ден на правосудството, Саити пред новинарите рече дека „е прашање дали државата во моментов има економски капацитети да ги исполни тие барања“.

– Овој начин на пресметка кој постоеше досега на платата беше блокиран со една одредба, која требаше да има времен карактер, но таа одредба се применува веќе 15 години наназад. Друго прашање е дали во моментов државата има економски капацитети да ги исполни тие барања, тоа прашање сигурно го знаат луѓето од владата и можат да одговорат, рече Саити.

Тој го спомена и нивното негодување за неисполнувањето на обврските на Владата кон судиите во однос на покачувањето на платите.

– Вие знаете дека ние сме во еден долг процес на преговори со Владата, со откажување од наши легитимни барања за да се донесе Закон за плата на судиите, кој, патем, еден ден пред одлуката на Уставен суд беше изнесен на Комисија пред Собрание и беше блокиран амандмански, потоа следуваше одлуката на Уставниот суд – појасни Саити.

Уставниот суд со одлука за укинување на два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, овозможи зголемување на платите на државните функционери за 78 отсто.
Со оваа одлука, покрај премиерот, претседателот, собранискиот спикер и сите вршители на јавни функции, се опфатени и уставните судии.

Поврзани новости