Стадото од над десеттина коњи, кои со месеци живееја среде коловозот на регионалниот пат Неготино – Штип, односно пред клучката Штип југ- Бучин, а кон крајот на јули беа отстранети по реакции од граѓани, повторно си живеат на истото место.
Загрижени граѓани денес ни доставија видео снимка од стадото, кое повторно е распослано среде коловозот и претставува огромна опасност за сите учесници во сообраќајот.
Околу овој проблем, ,,Фокус” веќе пишуваше. Коњите со месеци слободно се движеа на коловозот во тек на ден, но и на ноќ, и по долги апели во повеќе наврати, и по наши реакции до полициските станици во Штип и Радовиш, на 20-ти јули ни беше соопштено дека се отстранети.
Како што тогаш ни изјавија од СВР Штип, тие биле тргнати од коловозот, а против сопственикот ќе бил поднсен соодветен поднесок.
Каде биле дислоцирани, колку биле на број, и дали евентуално повторно ќе му бидат вратени на неодговорниот сопственик кој со негрижата за нив ја загрози јавната безбедност, не успеавме да добиеме одговор.
-Еве ги, еве ви и видео снимка направена пред еден час, слободно објавете. Дали има кај нас институција која ќе преземе нешто околу овој проблем и реална опасност, или треба само граѓаните да бидат предупредени дека на коловозот живеат коњи, па самите нека се пазат? –прашуваат загрижено.
Вики Клинчарова