Саемот на книга за оваа година се чини дека е најпосетуван во викендите, кога голем дел од луѓето се послободни. Издавачките куќи со интересни наслови се обидуваат да го привлечат вниманието на публиката, но некогаш не се исполнуваат очекувањата пред самиот почеток.
„Засега продажбата оди добро, не она што го очекуваме како издавачи бидејќи културата за читање на овие простори е пониска. Мислам дека воопшто незаинтересираноста за читање книги и електронските уреди си го прават своето. На електронските уреди се е побрзо и подостапно за луѓето и со тоа опаѓа концентрацијата за читање книга. Нашите читатели најчесто купуваат трилер, романса, драма. Ние многу би сакале да ги бараат домашните автори, но се е до вкусот и желбата на читателите. Досега мислам дека најпродавана е „Тетовирачот од Аушвиц“, тука некаде се и „Исповедите на Катерина Медичи“, „Царицата Романова“, но уште не можеме да кажеме која е буквално прва“, вели Оливера Живковска-Никчевиќ од Издавачката куќа „Култура“.
Гога Костеска, еден од основачите на Издавачка куќа „Ѓурѓа“ е задоволна од досегашниот тек на Саемот на книга.
„Задоволни сме. Мислам дека од лани малку подобро во однос на оваа година. Луѓето мислам дека се позаинтересирани и имаме повеќе млади читатели, што секако е за поздравување. За овој настан ние подготвивме 21 наслов од психологија и тие многу се продаваат“, додаде Костеска.
Саемот на книгата трае до 14 мај, што значи дека читателите ќе имаат уште два дена да си купат некаква книга.
Јорданчо Цветаноски