Членови на израелскиот безбедносен кабинет поседуваат информации дека лидерот на Хамас Јахја Синвар, организаторот на терористичкиот напад на милитантната група врз Израел на 7 октомври, најверојатно е убиен, изјавија за Ројтерс два упатени извори.
Две израелски телевизиски станици, КАН и Н12 њуз, исто така цитираа израелски официјални претставници дека Синвар е мртов. Израелската војска претходно објави дека Синвар можеби е убиен во операција во Појасот Газа. Израел елиминираше голем број команданти на Хамас во Газа, како и раководството на Хезболах во Либан, вклучувајќи го и лидерот Хасан Насрала.
Хамас се уште не ја коментирал судбината на Синвар. По елиминацијата на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије во јули во Техеран, тој беше назначен за лидер на таа организација. Тој претходно беше водач на операциите на тоа движење во Газа.
Израел ги известил американските воени претставници за можната смрт на Синвар и донел фотографии од телото за кое верува дека е негово, изјави американски воен претставник кој сакаше да остане анонимен. „Очекуваме дополнителни вести од Израелците“, додаде тој.