Министерството за финансии на САД воведе санкции кон Турција поради купувањето на рускиот ракетен систем за противвоздушна одбрана С-400, објави агенцијата Анадолија.
Санкциите се насочени кон Турската канцеларија за одбранбена индустрија (СББ), нејзиниот лидер Исмаил Демир и уште тројца официјални лица.
Американскиот државен секретар во заминување Мајк Помпео во вчерашната изјава рече дека ССБ свесно учествувала во значајна трансакција со Рособоронекспорт, главната руска агенција за извоз на оружје, со набавката на ракетниот систем С-400.
-Санкциите вклучуваат забрана за сите дозволи за извоз на САД и овластувања на ССБ и замрзнување на имотот и забрана за издавање визи за Исмаил Демир, претседател на ССБ и други претставници на ССБ додаде тој.
Претседателот на САД во заминување Доналд Трамп во јуни 2019 година изјави дека администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама се однесувала неправедно кон Турција кога Анкара побарала да купи американски одбранбен систем.
-Администрацијата на Обама ѝ рече на Турција не, не, не, кога тие сакаа да го купат ‘Патриот’, а потоа Турција го купи С-400 , рече Трамп во обраќањето на самитот на Г20 во Осака, Јапонија.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги критикуваше американските санкции, оценувајќи дека се работи за „уште една манифестација на ароганција кон меѓународното право“.
Тој посочи дека САД ги користат санкциите на многу груб и вулгарен начин.
-Се разбира, овој пристап, вклучително и воено-техничката соработка, не оди во прилог на кредибилитетот на САД како одговорен учесник на меѓународната сцена, рече Лавров.
И Министерството за надворешни работи на Турција ја осуди одлуката на САД да воведат санкции.
-Ние ја осудуваме и ја отфрламе одлуката на САД за еднострани санкции кон нашата земја. Одлуката на САД да воведат еднострани санкции за Турција поради системот С-400 е постапка без никаква логика, се вели во соопштението.