САД воведоа санкции против Русија поради труењето и затворскиот прогон на опозицискиот лидер Алексеј Навални, изјави денеска официјално лице од американскиот Стејт департмент.
Санкциите се прва казнена мерка против Русија преземена од администрацијата на претседателот Џо Бајден, кој вети борба со руската агресија и кршењето на човековите права.
Станува збор за седум високи руски официјални лица и повеќе организации. Од Стејт департментот прецизираат дека нивните имиња ќе бидат објавени денеска и дека американското разузнавање со „висока доверба“ оценило дека руски разузнавачи го отруле Навални со нервниот боев агенс „Новичок“.
Санкциите се координирани со ЕУ, која денеска објави, исто така, дека санкционира високи официјални лица од руските безбедносни служби.
-САД не се обидуваат да ги рестартираат своите односи со Русија, ниту пак се обидуваме да ги ескалираме, изјави официјалното лице.
Оттаму укажаа дека ова е прв од серијата чекори што ќе се преземат поради непријателските акции на Русија, како на пример одговор на масовните хакерски напади против „СоларВиндс“ и државни институции на САД, кои следуваат „порано отколку подоцна“.
Додаде дека САД, сепак, планираат соработка со Русија околу прашања за контролата на нуклеарното вооружување, иако други аспекти од нашите односи се „непријателски“.